вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Поради страв од злоупотреба, Израел ја зајакнува контролата врз извозот на кибер технологија

Поради страв од злоупотреба, Израел ја зајакнува контролата врз извозот на кибер технологија

Министерството за одбрана на Израел денеска соопшти дека ќе го заостри следењето на извозот на кибер технологија по серијата скандали во кои беше вмешана израелската компанија НСО Груп поради нејзиниот шпионски софтвер Пегасус (Pegasus).

Како што е наведено, земјите кои се купувачи на израелската кибер технологија ќе треба да потпишат изјава дека производите ќе ги користат „само за истрага и спречување терористички акти и сериозен криминал“. Може да се воведат санкции „вклучувајќи кибер-ограничување и/или исклучување“ на земјите кои ги прекршуваат тие услови.

Во соопштението не се споменува НСО Груп, но таквата одлука е донесена неколку дена откако добро упатени извори соопштија дека телефоните на 11 вработени во Стејт департментот биле хакирани од софтверот на компанијата. Сите тие вработени се наоѓале во Уганда. Ова е прв познат случај дека Пегасус бил употребен против вработени во американската Влада.

Американското Министерство за трговија минатиот месец ја стави НСО Груп на црната листа, забранувајќи и да користи американска технологија. Минатата недела Епл ја тужеше НСО за хакирање на Ајфон и други производи, нарекувајќи ја израелската компанија „неморални платеници на 21. век“. (МИА)