понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Героски се сомнева: МПЦ ја продала придавката “македонски“ заради Заев

Героски се сомнева: МПЦ ја продала придавката “македонски“ заради Заев

Уредникот на ПлусИнфо, Бранко Героски објави своја анализа во која искажува сомнеж дека МПЦ ја продала придавката “македонски“ заради Заев.

-Премиерот Зоран Заев испратил писмо до Вселенската патријаршија, со молба таа да помогне во признавањето на нашата црква, но во писмото тој не побарал МПЦ да го промени своето име. Ова синоќа ми го соопшти Марјан Забрчанец, вториот човек на пи-ар службата на македонскиот премиер. Како важна информација што требало да се знае. За жал, веста со која задоцнето ме „почести“ младиот Забрчанец, не менува ништо битно. Од една страна, јас навистина не разбирам во кое својство премиерот на една секуларна држава, каква што е Македонија, се обраќа до Вселенската патријаршија и се обидува да посредува во решавање на црковен спор. Од друга страна, писмото на Заев коинцидира со скандалозното писмено обраќање на МПЦ-ОА, во кое нашата црква се откажува од името „македонска“, во замена за признавање од другите православни цркви, пишува Героски.

Новинарот близок до СДСМ  во својот текст насловен како „Ете што дочекавме – МПЦ прва реши да го обезимени и да го обезличи својот народ!“, продолжува:

-Коинцидира? Баш коинцидира? Можно ли е Заев да не знаел за писмото на МПЦ до Вселенската патријаршија? Не знаел ли за понудата на македонските владици-мрсници да се откажат од името македонско? Да бидам искрен, малку ми е тешко да поверувам во тоа… Инаку, се извинувам што после ваков невиден скандал, за МПЦ ја употребив придавката „наша“, почитувани читатели. Јас сум атеист, а многумина од вас се верници. Ги почитувам вашите верски чувства, но за мене црква која се откажува од своето име и од својот народ, не може да биде ни „наша“ ни моја, а не е ни црква, туку опасна расколничка организација! На таа организација јас јавно ѝ фрлам една атеистичка анатема, во мое лично име, а се надевам и во ваше име. И се молам до мојот атеистички бог поголемиот дел од македонските владици сепак да не се согласни со ова антинародно и безбожно писмо, во кое дури и се предлага ново име за расколничката организација – Охридска и на Јустинијана Прима архиепископија! Барам Синодот на МПЦ веднаш да го повлече ова идиотско писмо! Каков срам е ова, луѓе мои! Да го обезимени и да го обезличи македонскиот народ прва одлучи токму црквата за која цел живот учиме дека е десетвековен чувар на словеномакедонската духовност и идентитет! Таа црква прва реши да нѐ предаде! Да биде нејзиниот грев поголем, МПЦ се откажува од своето македонско име, а тоа никој и не го бара. Српската православна црква не бара МПЦ-ОА да го смени своето име (веќе е сменето со додавката „Охридска архиепископија“), туку да се врати во канонско единство со СПЦ, што е услов македонската црква да добие автономија. Ни бугарската црква, која македонските владици неочекувано ја прогласија за мајка-црква, да не речам за маќеа-црква, не бара МПЦ да се откаже од своето македонско име, пишува Героски.

Поматаму, Героски вели дека инволвирањето на Заев фрла сомнеж дека тоа било од него побарано.

-До сега барем, не чувме дека такво нешто е побарано од грчката страна во процесот на решавање на спорот за името (иако инволвирањето на Заев фрла сомнеж за такво нешто). И како воопшто во процесот на решавање на еден меѓудржавен спор, покрај сите непристојни барања на кои сме изложени, некој може да поставува и услови кои се однесуваат на црковни проблеми? Прашувам уште еднаш и барам јасен и недвосмислен одговор од владиците на МПЦ – кој ве натера да се откажете од името македонско? Кој и зошто? И кој ве овласти да направите такво нешто? Народот на кој му служите и кој ве гоштева? Бог лично? Признајте, понизно покајте се и молете му се на Бога народот да ви го прости овој страшен грев, завршува Героски.

Премиерот Заев, денеска одговарајќи на пратеничко прашање рече дека тоа не е тема на дебата околу името, туку прашањето е помош околу решавање на црковниот спор, кој постои од возобновувањето на МПЦ-ОА.

-Барањето во писмото е патријаршијата да помогне за признавањето на МПЦ-ОА. Дополнително на писмото кое светиот синод на МПЦ го испрати, јас напишав писмо и го испратив до светиот синод на Вселенската патријаршија да помогне при признавањето, рече Заев.

Најнови вести