На денешното Национално собрание на албанската опозициска Демократска партија, свикано од историскиот партиски лидер Сали Бериша, очекувано, разрешен е актуелниот лидер Љуљзим Баша.
-Од 4.934 делегати, колку што учествуваа на Собранието, на тајното гласање учествуваа 4491 при што за разрешување на Баша гласаа 4.446 од нив, информираше Беленд Келечи, кој е еден од повеќето пратеници кои се на страната на Бериша.
По соопштување на резултатот од гласањето, Бериша истакна дека од денеска почнува борбата за враќање на достоинството на партијата.
– Седиштето на партијата ќе го преземеме кога за тоа ќе одлучиме, нагласи Бериша.
Поради најави за можни судири меѓу двете страни и насилно заземање на седиштето, големи полициски сили и цистерни со вода се наоѓаат во близина на седиштето, претходно и околу стадионот „Ер Албанија“ каде што се одржа собирот.
Баша, пак, за вечерва најави состанок на Претседателството, а за 18 декември Национално собрание.
Недоразбирањата и расколот во партијата се случија откако Баша го исклучи Бериша од пратеничката група, по барање на американската амбададорка, Јури Ким, откако САД го прогласија за „персона нон грата“.