Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека можеби ќе биде потребно да одржи повеќе од една средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, за да постигнат договор за денуклеаризација.
Тој нагласи дека би сакал Пјонгјанг да се откаже од своето нуклеарно оружје што е можно поскоро.
Американскиот претседател истакна дека и натаму се надева оти Самиот со Ким ќе биде одржан на 12 јуни во Сингапур.
Трамп додаде дека би сакал договорот да биде постигнат по еден состанок, но оти тоа често не е начин на кој нештата функционираат и дека можеби ќе биде потребен повеќе од еден состанок.
Трамп наведе оти верува дека и Ким сака договор.
– Јас мислам дека работите ќе се договорат на еден паметен и организиран начин и верувам дека тоа исто така го сака и Ким Џонг-ун. Ќе бидам многу среќен кога ќе дојде денот во кој ќе ги укинеме санкциите и ќе имаме многу добар однос со Корејскиот Полуостров, изјави Трамп.
(Миа)