Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, во интервју за Фајненшл Тајмс вчера изјави дека одбранбениот пакт предводен од САД е подготвен за „нов вооружен конфликт во Европа“ доколку преговорите за разоружување со Москва пропаднат. НАТО веќе ја предупредило Москва да се откаже од своите воени вежби и да соработува со Западот и дека оваа недела е клучна во Женева да се спречи војната во Украина. Сега следува тешка недела на убедување кој и како ќе ги тргне своите бази и опрема.
– Јас сум свесен за историјата на Русија. Со векови тие доживуваат конфликт со соседите. Но, Русија има алтернатива: да соработува, да работи со НАТО – рече Столтенберг.
Близу 100.000 руски војници чекаат на готовс на локации блиску до границата со Украина, но претседателот Владимир Путин негираше каков било план за инвазија. Сепак, тој предупреди на можна војна доколку САД и НАТО ги игнорираат барањата на Москва за одбранбени договори кои сериозно ќе ги намалат капацитетите на САД и НАТО во Европа.
Stoltenberg: NATO will be ready if Russia talks fail https://t.co/jI2UjAHZIT
— Sari Arho Havrén (@SariArhoHavren) January 10, 2022
Тешка деловна вечера во Женева
Во меѓувреме Сергеј Рјабков, водечкиот руски преговарач со својата американската колешка, Венди Шерман, заменик државен секретар имаа вечера во Женева во неделата. Според Рјабков, разговорот „бил тежок, но деловен“.
– Ние се втурнавме во прашањето за претстојните работи. Мислам дека утре нема да губиме време. Никогаш не го губам мојот оптимизам, секогаш сум воден од него – рече тој во коментарите што ги објави руската државна новинска агенција Риа.
НАТО може да се повлече, но не колку што посакува Москва
Простор за маневар и за договор има малку. Сепак, Вашингтон гледа можност во тоа да ги изземе своите ракетни распоредувања во Украина и со Москва да договори нови правила за ракетните системи во Европа, рекол висок претставник од администрацијата на Бајден.
Но, тука завршува американската црвена линија. Освен за ракетните упоришта, НАТО нема да се согласи целосно да излезе од Украина и од други земји од источна Европа, два руски услови кои според Столтенберг ги прекршуваат „суштинските принципи“ на Алијансата.
Кога високиот претставник на Бајден изјавил дека се очекува „Русија да биде подготвена да преземе реципрочна обврска“, тоа секако се однесува на „реципрочни ограничувања на големината и опсегот на [воените] вежби, вклучувајќи ги и стратешките бомбардери блиску една до друга територија, како и вежбите на копно“. Во спротивно, официјален Вашингтон потврди дека НАТО и сојузниците ќе го зголемат своето присуство во источна Европа, а се зборува и за економски санкции.
Без договор во Женева, следат санкции за Русија
САД се подготвени „веднаш да наметнат сериозни и огромни трошоци за руската економија“, што би значело трговски ограничувања, а се разговара и за можноста за низа контроли на извозот со сојузниците и партнерите во Европа и Азија, велат извори запознаени со размислувањата на Белата куќа.
Додека Кремљ изрази надеж за брзи решенија од разговорите, Столтенберг рече дека очекува дека ќе бидат потребни „низа состаноци“ за да се најдат какви било заемно прифатливи исходи.
– Подготвени сме да се стремиме кон подобри односи. Ние и претходно докажавме дека можеме да направиме компромиси и да најдеме решенија со Русија – изјави поранешниот норвешки премиер, а сегашен секретар на Алијансата.