На денешен ден во 1945 година со решение бр. 581/45 на Президиумот на АСНОМ бил основан Македонскиот народен театар. Со ова официјално започнува со работа оваа сценско – уметничка куќа.
За директор е поставен Димитар Ќостаров, а Илија Милчин е секретар – драматург. Првата претстава премиерно е прикажана на 3 април 1945 година: драмата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески.
Македонски народен театар, по формирањето и натамошното постоење/создавање, поминува низ разни периоди: создавање и негување на ансамблот и публиката, на творци кои ќе учествуваат во обликувањето на претставите, одржување на репертоарот. Создава свое место на мапата на Македонија, на мапата на некогашна Југославија и надвор од неа.
Во однос на репертоарот, односно делата што се поставаат на сцена, исто поминува низ периоди кои се важни за неговото созревање: фаза на ре/откривање на македонските автори и драматургијата – Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски и други; фаза на поставување на дела од руските и класичните дела; фаза на дела од американски современи автори; негување и афирирање на новиот домашен автор, фаза на социјални и реалистични теми, психошки и поетски драми, современи и пост-модернистички драми/дела.