Минималната плата во земјава е меѓу најниските во регионот. Македонскиот работник зема минимална плата од околу 250 евра, а пониска од него зема единствено работникот во Албанија каде минималецот изнесува 236 евра.
Сите останати држави во регионот земаат поголема минимална плата. Највисок е минималецот во Словенија каде изнесува 749 евра, по што следува Хрватска со 569 евра. Во Црна Гора, по усвојувањето на измените на Законот за работа, од јануари минималната заработувачка изнесува околу 450 евра. Во Србија се исплаќа минимална плата од околу 300 евра, а во Бугарија околу 280 евра.
Во 20-те топ држави во светот кои имаат најголема минимална заработувачка се Австралија, Луксембург, Нов Зеланд, Ирска, Франција, Велика Британија, Норвешка, Белгија, Германија…
Во земјава во тек се преговори меѓу социјалните партнери за зголемување на минималната плата. Синдикатите бараат минималецот веднаш да се зголеми на 18.000 денари, со оглед на зголемените трошоци на живот и енергетската криза. Работодавачите се на став дека минималната плата би требало да изнесува над 16.300 денари, а дел од нив излегоа и со предлог да се субвенционира зголемување на минималната плата. Минатата недела се одржаа два состанока на Економско-социјалниот совет, а за денеска, според најавите, се очекува уште еден состанок.