Јуриј Вернидуб, тренерот на молдавскиот тим Шериф и на нашиот репрезентативец Бобан Николов, и се приклучи на украинската војска откако пред неколку дена најави дека ќе го направи токму тоа. Украинецот кој оваа сезона ги исфрли Динамо Загреб и Црвена Звезда во квалификациите за ЛШ, а потоа во групната фаза од елитното натпреварување успеа да го совлада Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“, се фотографираше во униформата на украинската војска со уште двајца соборци.
„Роден сум во Украина, живеам во Украина и сакам да оставам неколку зборови за поддршка до луѓето во Украина, кои во четвртокот доживеаја напад од Русија. Горд сум на луѓето кои ја бранат земјата“, изјави Вернидуб пред неколку дена и додаде:
„Имам жена, две деца, двајца внуци, браќа и сестри, им посакувам здравје и оваа војна да не ги допре. Кога ќе стигнам во Молдавија, ќе побарам од клубот да ме пушти да одам кај своето семејство, ако им треба мојата помош, секогаш ќе бидам тука. Тешко е да се зборува во оваа ситуација, но фала му на Бога што сите се живи“.
Sheriff Tiraspol manager Yuriy Vernydub is primed and ready!
He defeated Real Madrid in the autumn
Now he’s joined the territorial defence effort too 🇺🇦🇺🇦🇺🇦 pic.twitter.com/8OsY7kOHST
— Zorya Londonsk (@ZoryaLondonsk) February 28, 2022
Неговиот Шериф во исклучително тешката група од ЛШ оваа сезона го освои третото место пред Шахтјор Доњецк, а зад Интер и Реал Мадрид. Европскиот пат за неговиот тим заврши пред неколку дена кога во плеј-офот за осминафиналето во Лигата на Европа испадна од Брага по изведувањето на пенали.