вторник, 12. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

ПРИСТИГНАА 1.500 УКРАИНСКИ БЕГАЛЦИ: Амбасадорот во Атина побарал помош околу нивното сместување во Грција

ПРИСТИГНАА 1.500 УКРАИНСКИ БЕГАЛЦИ: Амбасадорот во Атина побарал помош околу нивното сместување во Грција

Украинскиот амбасадор во Грција Сергеј Шутенко од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, во нивниот денешен телефонски разговор, побарал државата да помогне околу сместувањето на бегалците од Украина што веќе почнаа да пристигнуваат во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од кабинетот на грчката претседателка, Сакеларопулу за конкретното прашање стапила во контакт со претседателот на комората на хотелиери на Грција Александрос Василакос, кој одговорил позитивно и информирал дека веќе се се преземаат чекори во оваа насока.

Сакеларопулу и Шутенко разговарале за ситуацијата во Украина, амбасадорот ја информирал за последните случувања, се осврнал и на евакуацијата што е во тек на грчкиот конзулат во Мариупол и ѝ се заблагодарил за поддршката од Грција.

-Г-ѓа Сакеларопулу ја изрази целосната поддршка на грчкиот народ за Украина и за нејзината херојска борба за нејзината слобода, нејзиниот европски пат и нејзините демократски и универзални вредности. Отпорот на Украинците длабоко ги трогнува Грците и го обединува човештвото против рускиот напад и насилното оспорување на суверенитетот на независна држава, соопштија од кабинетот на грчката претседателка.

Заклучно со вчерашните податоци, како што објави МИА, во Грција пристигнаа 1.500 украински државјани.