среда, 13. декември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Промоција на преобјавеното творештвото за возрасни на Оливера Николова

Промоција на преобјавеното творештвото за возрасни на Оливера Николова

Во фоајето на Националната опера и балет денеска ќе одржи промоција на десет тома од творештвото за возрасни на писателката Оливера Николова.

Издавачката куќа „Арс Ламина“ го преобјавува целокупното творештво за возрасни на писателката Николова под наслов „Арс Либрис“ .

– Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Тие се подарок за поколенијата, посочија од издавачката куќа „ Арс Либрис“.

Реизданието ги опфаќа делата „Куклите на Росица“ (со поговор од Елизабета Баковска), „Тесна врата“ (поговор Кица Колбе), „Куќичка“ (поговор Румена Бужаровска), „Тромбот“ (поговор Владимир Мартиновски), „Адамовото ребро“ (поговор Калина Малеска), „Збогум Вано, Ванке…“ (поговор Јелена Лужина), „Пешаци по црни полиња“ (поговор Гоце Смилевски), „Белиот чад“ (поговор Никола Гелевски), како и „Вежби за Ибн Пајко“ (поговор Катица Ќулавкова) во исто издание со „Песот со тажен поглед“ (поговор Давор Стојановски) и „Лева комора“ (поговор Владимир Јанковски) во исто издание со „Кадифената покривка“ (поговор Оливера Ќорвезироска).

На промоцијата ќе се обратат авторите на поговорите, а модератор ќе биде Оливера Ќорвезироска, која е уредничка на едицијата.

Оливера Николова е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка родена во Скопје во 1936 година. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како драматург-уредник во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје. Пишува за деца и за возрасни.

Има објавено 10 романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и други, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.

За својата работа има освоено многубројни награди, меѓу кои: наградата од РТВ Скопје од Струшките вечери на поезијата во 1966, 1975 и во 1978 година, наградата „Младо поколење“ (1978), Змаевата награда за 1983 г. за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1983, 1998 и 2015, „Рациново признание“ за 2000 г. за „Адамовото ребро“, роман на годината на „Утрински весник“ за 2004 г. за „Куклите на Росица“, роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 г. за „Песот со тажен поглед“.