сабота, 20. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Израелските власти пронајдоа сомнителна направа во подарок од кинеската амбасада

Израелските власти пронајдоа сомнителна направа во подарок од кинеската амбасада

Израелските власти пронајдоа уред за кој постои сомневање дека се користи за прислушување во подарок за еврејскиот празник Пасха од кинеската амбасада во Тел Авив, јавија израелските медиуми.

Уредот бил пронајден во термо шолја испратена до кабинетот на министерката за наука, технологија и вселена, Орит Фаркаш-Хакоен, при безбедносната проверка, но подарокот не стигнал до неа.

Безбедносната служба Шин Бет го истражува инцидентот и сите преостанати шолји се собрани и ќе бидат вратени во амбасадата.

Шин Бет им наложи на безбедносните службеници во министерствата да го пријават секој подарок за да се провери и од другите странски амбасади.

Слични шолји се испратени и до министерствата за транспорт и здравство, а од кинеската амбасада стигнала порака дека и во наредните денови ќе пристигнат подароци. Кај некои кои веќе се пристигнати не се пронајдени сомнителни предмети.

Израел и Кина одржуваат добри односи, а во јануари прославија три децении дипломатски односи, кога се одржа петтиот состанок на Мешовитиот комитет за иновативна соработка на двете земји.

Кина ги надмина САД минатата година и стана најголем извор на увоз во Израел, според податоците на израелското Централно биро за статистика. (МИА)