Податоците на Институтот за статистика (ИНСТАТ) покажуваат дека населението во Албанија се намалило на 2,79 милиони жители, што е за над 36 илјади помалку од пред една година, што дополнително ги влошува демографските показатели на земјата.
-Економските неможности и желбата за подобар живот предизвикаа над 42 илјади луѓе да ја напуштат земјата минатата година, речиси двојно повеќе од 2020 година, што е многу загрижувачка бројка за Албанија, која официјално е во демографска криза, констатира Топ чанел.
Падот на наталитетот и зголемувањето на морталитетот, главно поради пандемијата, направија природниот прираст минатата година да биде негативен со 3.200 смртни случаи повеќе од новородени. Вкупно минатата година животот го загубија над 30.000 луѓе.
-Исто така миграциските движења во земјата се зголемија, бидејќи населението во руралните области се повеќе се приближува кон урбаните центри, како што се Тирана, Драч и Фиер, кои имаат најголем дел од населението во земјата, над половина од вкупната популација. Ова се должи на поголемите можности што овие региони ги нудат како во однос на вработување, така и во однос на услугите, со што тие имаат и најголем удел во економијата на земјата, наведува телевизијата.
Официјалната статистика потврдува дека во текот на 2021 година, од 12 окрузи само еден од нив бележи пораст на населението и тоа е токму главниот град, додека во другите 11 окрузи населението бележи намалување. Најголемо намалување на бројот на жители е забележано во регионите на Ѓирокастро, Берат и Пешкопеја.
Населението во Албанија исто така забрзано старее, бидејќи просечната возраст достигна 38,2 години, од 37,6 години, колку што беше лани. (МИА)