Речиси 1,7 милиони Словенци со право на глас в недела ќе излезат на гласање за да одлучат помеѓу политиката што ја спроведува актуелниот премиер Јанез Јанша во последните две години и алтернативата што ја ветува менаџерот Роберт Голоб, претставувајќи се како негов антипод.
Словенците в недела ќе изберат 90 пратеници во деветтиот состав на Државниот збор (парламентот) откако Словенија стана независна.
Според анкетите, Движењето за слобода кое пред изборите го формираше Роберт Голоб, истакнат менаџер кој долги години раководеше со големата државна енергетска компанија ГЕН и Словенечката демократска партија (СДС) на актуелниот премиер се во мртва трка.
Неизвесно е и која е трета насилна партија затоа што поддршката е речиси израмнета и за Левица и за Социјалдемократите.
Изборниот праг од четири отсто сигурно ќе го поминат и демохристијанската Нова Словенија, а на работ се центристичката партија „Да ја поврземе Словенија“ (ПОС) и партиите на Аленка Братушек (САБ) и на Маријан Шарец (ЛМШ).
За влез во парламентот се борат дваесетина партии и граѓански листи, а се смета дека за стабилна идна влада во коалицијата треба да има најмалку три или четири партии со околу 55 пратенички места во новиот парламентарен состав.
– Издржавме и направивме сè што требаше, одиме мирно на избори и ќе се бориме за гласови до затворање на гласачките места во недела, рече Јанша на завршната предизборна конвенција на неговата Словенечка демократска партија (СДС) која ја води речиси 30 години.
Пред своите поддржувачи и кандидатите за места во новиот парламент, Јанша зборуваше за успесите на неговата влада во спречувањето на пандемијата на Ковид-19 во последните две години, невработеноста која достигна најниско ниво од 2008 година и субвенциите што неговата влада ги дава на бизнисите и граѓаните.
– Докажавме дека сме влада која им помага на сите во криза, без да прави разлика меѓу луѓето и ќе бевме поуспешни доколку не наидевме на силен отпор, им рече Јанша на приврзаниците.
Тој го обвини Роберт Голоб, ривал за премиерската позиција и левичарската опозиција што го поддржува, за политички илузионизам. Тој го смета за експонент на „длабоката држава“ и претставник на привилегираната општествена класа, а во кампањата постојано укажуваше на енормно високата менаџерска плата на Голоб и неговата наводна поврзаност со поранешниот претседател Милан Кучан, кого Јанша го смета за „патријарх“ на словенечката левица.
Голоб, кој влезе во политиката со неговата партија Движење за слобода на почетокот на оваа година, вели дека негова цел е да создаде стабилна влада на либералниот центар и левицата која ќе владее со земјата два мандата и ќе ги направи неопходните промени во земјата и во целост одби можност за коалицирање со партијата на Јанша.
– Луѓето мора сами да одлучат дали сакаат да живеат во полициска држава која под маската дека се бори против пандемијата ја воведе актуелната влада под. Во недела гласањето не е против Јанша туку против полициската држава, рече Голоб во еден од неговите последни медиумски настапи.
Тој очекува неговата партија да освои најмалку 25 места во парламентот и да формира влада во соработка со либералниот центар и левицата, влада која во парламентот ќе има најмалку 50 гласа за поддршка.
Претпоставката е дека ако освои релативно мнозинство во новиот парламент, тој би направил коалиција со Левица, социјалдемократите САБ и ЛМШ, под услов да влезат во парламентот.
Според словенечките набљудувачи, коалицискиот потенцијал на Јанша е помал бидејќи зависи пред сè од успехот на изборите на христијанските демократи од Нова Словенија (НСИ) и од листите на десницата кои беа составени непосредно пред распишувањето на изборите, а чиј резултат е неизвесен.
Јанша, ветеран на словенечката политика, в недела се бори за својот четврти мандат како премиер. Сепак, тој само еднаш издржа цели четири години на функцијата, во мандатот од 2004 до 2008 година.
Поради специфичноста на словенечкиот изборен систем, во владејачките коалиции мора да бидат вклучени најмалку три партии, па дури и во тој случај не секогаш им се гарантира стабилност. (МИА)