четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Драмски театар заслужи Ѕид на срамот: По чинот на непочитување на покојниот Ристо Стефановски, сега имаат нова замисла – се огласија и од семејството на великанот

Драмски театар заслужи Ѕид на срамот: По чинот на непочитување на покојниот Ристо Стефановски, сега имаат нова замисла – се огласија и од семејството на великанот

Драмски театар покажа големо непочитување на ликот и делото на Ристо Стефановски, а како тоа да не беше доволно, наместо достоинствено да го испратат со комеморација по неговата смрт, сега организира настан на кој ќе биде изложена негова фотографија.

Не беше Стефановски единствениот кој по смртта не доби ни трошка од заслужената почит од Драмски театар. По острите критики од јавноста, за утре Драмски театар закажа настан во кој, според најавата, ќе го СЛАВИ животот и делото на починатите.

-На 28.4. (четврток) во 12:00 часот ширум ќе ги отвориме вратите на Драмски за сите колеги, соработници, почитувачи на Драмски, без официјални покани, без билети, без протоколи. На 28.4. во 12:00 часот ќе го славиме животот и делото на сите наши кои ги изгубивме во изминатава година. Нема да правиме комеморација за нив. Ќе им се заблагодариме. На Ристо, Сабина, Мајда, Вида… за се она што му го дадоа на Драмски, кој без нив немаше да биде тоа што е денес. Ќе се потрудиме со своето присуство да им дадеме барем малку благодарност за она МНОГУ што Драмски го доби од Нив. А потоа, пред Ѕидот на славните на Драмски, ќе се напиеме тиквешко црно и ќе ви подариме Монографија од Драмски, која благодарение на Нив постои, стои во објава на Драмски театар на Фејсбук.

Ѕидот на славните кој утре ќе го откријат во Драмски театар ќе биде одличен памтеник за покојните великани.  Но, со овој настан нема да може да се сокрие или заборави дека со чинот на непочитување, Драмски заслужи и еден Ѕид на срамот!

На овој настан, семејството на покојниот Ристо Стефановски, нема да присуствува.

КУРИР го пренесува официјалниот став на неговото семејство:

„Драги пријатели и почитувачи на делото на Ристо Стефановски:

Во името на најблиската фамилија на нашиот татко и дедо Ристо, сакаме да кажеме дека нема да присуствуваме на утрешниот настан што го организира Драмски театар.

Главната причина е поради тоа што сметаме дека комеморација за Ристо Стефановски не само што треба, туку МОРА да има, а друга причина е што вер⁶уваме дека собирањето што го предложува Драмски, театарот којшто тој го формираше и со него ги доживеа ѕвездените мигови, не доликува, и е омаловажување, на ликот и делото не само на нашиот Ристо, туку и на глумците на театарот кои починаа во изминатите месеци. Лесна им земја на сите – легенди.

Сепак, би сакале и да ве информираме дека Комеморација за Ристо Стефановски ќе има, наскоро, и дека на неа ќе биде јасно зошто токму тој заслужува такво нешто…бидејќи, да бидеме реални, ќе имаше ли историја на ,,Македонскиот Театар” без него и дали толку прецизно ќе беше документирана?

За комеморацијата благовремено ќе ве известиме.

Со почит,

Фамилијата на Ристо Стефановски“

КУРИР веќе анализираше колкав е срамот на Драмски што не организираше ни комеморација за човекот кој заслужи поклон и почит, а од театарот по смртта доби само Фејсбук статус.

Драмскиот театар со игнорантскиот однос, а потоа и со најава за настан од ваков тип, не го  испочитува ликот и делото на човекот кој е најзадолжен за постоењето на институцијата. Ова е срамно и понижувачки.

Тој беше на чело на Драмски театар и заслужен за секој успех цели 26 години. Беше директор на оваа институција од основањето во 1957 до 1983. Под негово раководство, Драмски театар Скопје го остварува најголемиот подем потвреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија.

Од 1983 година беше генерален директор на Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје.

Стефановски, театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар почина на 94 годишна возраст на 22-ри март годинава.

За оние кои денес се на чело на театарот кој беше најуспешен во рацете на Стефановски, да потсетиме колкава беше важноста на човекот чија најголема љубов беше театарот.

Автор е на 12 тома од книгите „Театарот во Македонија“. Ги создаде „Летопис на македонската драма и театар“,„Монографија – 30 години Драмски театар“, „Мојот театар – Театарски вистини, записи, сведоштва, сеќавања“…

Меѓу бројните награди се највисоките државни „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, Стериина награда за животно дело на Фестивалот Стериино позорје, Нови Сад, Награда на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ за животно дело, Ордените за труд со бронзен, сребрен венец и златен венец, „13 Ноември“, Одликување на Француската влада „Академска палма“ и други.

Многу може да се зборува за успесите на овој човек. Неговите дела ќе останат вечно да бидат богатство на македонската култура, но вечно ќе остане и срамот на Драмски театар.