Ливерпул одигра два доста слични меча во период од само неколку дена, а истите ги реши на идентичен начин на домашниот „Енфилд Роуд“ против два различни протиници.
Тимот на Јирген Клоп го совлада градскиот ривал Евертон изминатиов викенд со два гола постигнати во вториот дел, но истото го повтори и против Вилјареал во првото полуфинале во Лигата на шампионите.
Гостите од Шпанија дојдоа да се бранат и да извадат што е можно поповолен резултат кој ќе ги остави во игра на реваншот, а иако 2:0 звучи како добра позитива за премиерлигашот, Клоп има свое убедување и смета дека овој резултат е опасен поради можно опуштање.
– Начинот на кој игравме и на кој се браневме беа клучни. Им велев на момците да бидат трпеливи на полувреме, бев задоволен од тоа како стојат на теренот. Во првиот дел ни недостасуваше само гол, тие ни извршија пресинг, но знаевме како да ги контролираме.
– Имаме само 2:0, има уште цело второ полувреме во Шпанија. Овој резултат е опасен и сега сме како на пауза меѓу две полувремиња. Има уште едно цело полувреме во Шпанија и нема да ни биде лесно. Ќе гледаме поинаков меч, тие ќе дадат се од себе за да бидат во финалето и ги подготвувам моите момци за такво нешто, – изјави Клоп.