вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Во Струга се одржа Литијата со моштите на Свети Георгиј Победоносец

Во Струга се одржа Литијата со моштите на Свети Георгиј Победоносец

Со отслужување на ктиторската вечерна богослужба во храмот „Свети Георгиј Победоносец“ во Струга и молитвена поворка низ градот, попладнево се одржа познатата струшка Литија (Еордија) со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица.

Молитвената поворка од храмот на светителот, според традицијата, се движеше низ централните градски улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повторно се вратија во црквата, каде верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на Свети Георгиј.

Сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица истакна дека како и секоја година стружани најгостољубиво и најдостоинствено ги пречекуваат моштите на Св. Георгиј Победоносец и крминската икона на Богородица кои многу силно го излеваат својот благослов кон сеопштата и сенародна радост.

-Велам сеопшта и сенародна, бидејќи околу оваа литија е обединета и целата наша земја и соседните простори, нагласува сестра Ефимија.

Верничка, учесничка на литијата забележува дека секоја година се поголем и поголем број на луѓе се собираат и дека годинава таа стана не само балканска, туку и дека доаѓаат луѓе кои се иселени од Америка, Австралија за да присуствуваат на оваа литија.

-Се радува великомаченикот Георгиј гледајќи не собрани во толку голем број секоја година се повеќе и повеќе. Да бидеме истрајни во верата како Св. Георгиј и да бидеме радосни во духот. Благодарност до Владиката Партениј и Бигорскиот манастир што ни овозможија да присуствуваме на највеличествениот и најубавиот ден. Литијата ни е позната ширум Балканот и сите сме сведоци на тоа. Среќна, радосна и исполнета сум, достоинствено горда што сум дел од сето ова и ќе го искористам моментот да ги цитирам зборовите на владиката Партениј: „Сакајте, почитувајте и проштавајте, по тоа ќе ве познаат, по љубовта“, порачува верничката Весна.

Музичарот Ламбе Алабаковски, кој учествуваше на литијата, вели дека ова му е тре пат и според него, овој настан е нешто што ги сплотува сите стружани, но и луѓе од околните места. Навистина преубаво е чувството, порача тој, испраќајќи љубов и благодат кон сите.