Во организација на Македонската амбасада во Република Албанија, вчера во Драч беше отворена изложбата „Невестински соништа, касели и ковчези од Битола и Битолско“ од богатиот фундус на Заводот и Музеј Битола.
Мери Стојанова и Наде Геневска-Брачиќ се авторки на изложбата која се реализираше во соработка со градоначалничката на Драч, Емиријана Сако, и Археолошкиот музеј на Драч.
Како што објави Амбасадата на Република Македонија во Тирана, уникатноста на поставката во која беа претставени градски носии и ковчези од крајот на 18 и почетокот на 19 век, предизвикаа внимание не само меѓу жителите на градот, туку и кај туристи кои престојуваат во овој медитерански град.
– Во своето обраќање амбасадорот Данчо Марковски, потенцирајќи го значењето на овој вид соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, повика на потребата од заеднички туристички настап на двете земји на меѓународниот туристички пазар, кои меѓу другото се поврзани и со Виа Игнација, стои во објавата на Амбасадата.
Изложбата беше повод и за потпишување Меморандум за соработка меѓу двата музеја, коишто на пригоден начин го одбележаа и Светскиот ден на музеите – 18 Мај.