Турција е подготвена да го блокира членството на Шведска и Финска во НАТО повеќе од една година доколку не добие гаранции од двете земји дека ќе се справат со курдските групи кои Анкара ги смета за терористички организации. Ова е прашање што може да го наруши Самитот на НАТО во Мадрид на 29 јуни, пишува Гардијан.
Турција ги обвинува Шведска и Финска за криење на наводни членови на Курдската работничка партија (ПКК) и исто така се противи на нивните одлуки од 2019 година да забранат извоз на оружје во Анкара поради турските воени операции во Сирија.
Турција започна дипломатска офанзива за да ја истакне шведската поддршка за курдските групи поврзани со ПКК во северна Сирија. ППК е означена како терористичка организација во ЕУ, САД и Турција. Турција планира да организира состанок за ова прашање за време на самитот на НАТО.
– Ова е прашање од витален национален интерес и ние сме подготвени да го спречиме нивното членство до една година доколку е потребн“, рече Акиф Чагатај Килич, член на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и претседател на турскиот парламентарен комитет за надворешни работи.
– Турција е втората по големина армија во НАТО и обезбедува беспилотни летала за да и помогне на Украина да се одбрани. Заслужуваме повеќе почит. Турција ги почитува сопствените должности и одговорности кон Алијансата. Што ќе направат Шведска и Финска? Тие криеја терористички организации кои го убиваат мојот народ, не ги почитуваат моите граници, претставуваат егзистенцијална закана за мојата земја. Се што бараме е да нема разлика. Терористичка организација е терористичка организација, рече тој. (МИА)