Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ го наградува со Златна камера 300 за животен опус, истакнатиот британско-дански кинематографер Ентони Дод Ментл.
Од ИФФК „Браќа Манаки“ посочуваат дека со изборот да му ја додели оваа престижна награда на Дод Ментл, фестивалот доследно продолжува да гради традиција – на предходни лауреати на Специјалната Златна Камера 300, кои ја освоиле во својата помлада животна етапа, подоцна им ја доделува и Златна Камера 300 за животен опус, со што се заокружува нивната творечка целина.
Дод Ментл, во 2009 на триесеттиот јубилеен фестивал „Браќа Манаки“, стана добитник на Специјалната Златна Камера 300, а годинава се закитува со позначајната награда за животен опус, со која влегува заслужено во Клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“.
Богата е кинаматографската кариера на Ентони Дод Ментл, еден од творците на оригинален дански филмски израз/тренд, соработува со бројни режисери, а триумфот во кариерата на Дод Ментл се случи во 2009 година, кога го освои едниот од осумте Оскари за филмот „Сиромашниот милионер“ (Slumdog millionaire), во режија на Дени Бојл , филм со кој, истата година беше отворен јубилејниот 30. по ред фестивал „Брака Манаки“.