понеделник, 18. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Кина со итни мерки за ублажување на сушата додека продолжува топлотниот бран

Кина со итни мерки за ублажување на сушата додека продолжува топлотниот бран

Кина презема итни мерки со цел да донесе повеќе вода во сливот на реката Јангце (Јангцекјанг) погоден од суша, распоредувајќи средства за помош, „сеење“ облаци и развивање нови извори на снабдување, додека рекордно силниот топлински бран ги оштетува посевите и влијае на добитокот.

Според денешното информирање на Министерството за водни ресурси, сушата во целиот слив на реката Јангце, „негативно влијае на безбедноста на питката вода за руралното население и добитокот, како и на растот на земјоделските култури“.

Регионите беа повикани да извршат точни проценки на ситуацијата во подрачјата погодени од суша и да направат планови за одржување на резервите вода.

За да го зголеми низводното снабдување, најголемата кинеска хидроцентрала Три клисури, исто така, ќе го зголеми испуштањето вода за 500 милиони кубни метри во наредните 10 дена.

Дел од добитокот од подрачја погодени од суша, привремено е префрлен во други региони.

Покраината Хубеј во централна Кина денеска стана најнова, што ја претстави големата програма за влијание на временските услови, со распоредување авиони за да исфрлаат прачки сребрен јодид во облаците, со цел да предизвикаат дожд.

Топлотниот бран во Кина сега трае 64 дена и стана најдолг од почетокот на целосната евиденција во 1961 година, пишуваат денеска државните медиуми, повикувајќи се на податоци од Националниот климатски центар.

Бројот на метеоролошки станици што забележаа температура од најмалку 40 степени Целзиусови, достигна 262, што е воедно и најголема бројка.

Осум регистрираа температура од 44 степени Целзиусови.