Албанските владејачки социјалисти ги подготвија измените на законот за декриминализација, кои, како што претходно најавија ќе бидат на дневен ред на Парламентот на почеток на следниот месец.
Станува збор за законот „За гарантирање на интегритетот на лицата кои се избираат, именуваат или вршат јавни функции“.
Со овие измени социјалистите бараат во законот за декриминализација да се додаде член за забрана за кандидирање на лица прогласени за „нон грата“ од САД, Обединетото Кралство или други западни земји, како и оние што резултираат како соработници во досиејата на поранешната тајна служба ШИК.
– Целта повеќе од очигледна е дека сакаат вон Собранието да ги остават поранешниот албански претседател, експремиер и лидер на побројното крило на опозициските демократи, Сали Бериша, кој непожелен е прогласен од САД И Обединетото кралство и доскорешниот шеф на државата и лидер на Партијата на слободата Илир Мета, кој наводно во досиеја се споменува како соработник на ШИК, јави АБЦ њуз.
Според социјалистите, целта на овој закон е да се гарантира довербата на јавноста во функционирањето на избраните државни органи, независните институции и оние кои се основани со закон, на јавната администрација, преку спречување на нивниот избор или именување.
Исто така се предлага отстранување од јавна функција на лица кои се осудени или против кои се преземени мерки на безбедност или со неправосилна одлука за сторени кривични дела, според овој закон, како и лица за кои е утврдено дека се соработници поранешна државна безбедност.
По завршување на петгодишниот мандат како претседател, Мета се врати во политиката со остра реторика и тешки обвинувања кон премиерот Еди Рама, што во континуитет го прави Бериша.
Двајцата најавија коалиција и апсолутна победа на локалните избори до година а Мета побара техничка влада и предвремени парламентарни избори. (МИА)