Во Македонска Каменица се е подготвено за тридневната музичка програма во рамки на Каменичко Културно лето 2022, која од 26-28 август се одржува во пресрет на одбележувањето на Денот на градот. Како што информираше директорот на Културно-информативниот центар „Романса” Гоце Стојановски, програмата започнува со три концерти на реномирани македонски изведувачи.
-Први на програмата на 26 август во рамки на Каменичко Културно Лето ќе настапи оркестар Џамбо Агушеви, а веднаш по нивниот настап, следуваат концертите на Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд и групата Нокаут. Програмата продолжува на 27 август во чии рамки свој перформанс ќе имаат три културно-уметнички друштва од Македонија, Србија и Бугарија, по што имаме уште два прекрасни концерти овој пат на групите Љубојна и Ареа, рече Стојановски.
Главна звезда на Каменичко Културно Лето годинава е хрватската поп ѕвезда Петар Грашо.
-Концертот на Петар Грашо е закажан за 28 август кога М.Каменица го слави Денот на градот и Денот на рударите. Претходница на хрватскиот изведувач ќе бидат Ѓоко Јовиќ и Енерџи Бенд, како и групата Брас Брадерс, додаде Стојановски.
Манифестацијата Каменичко Културно Лето 2022 се реализира со поддршка на Општина М.Каменица и генералниот покровител Рудник Саса. Концертите ќе се одржат на Градскиот плоштад во Македонска Каменица.