Навистина не ми е јасно, како можевме како нација да си дозволиме една повеќе од пристојна инфраструктура на Македонските железници да дозволиме да се разгради и уништи. Таа треба да расте, да се шири и надградува.
Самите возови и вагони како такви се најмалку битни. Тие се репарираат, средуваат, на крајот на краиштата, со една политичка одлука се купуваат нови или половни, небитно.
Круцијална е самата инфраструктура. Истата, околу Скопје е и повеќе од добра. Со претоварни станици, депоа, со паралелни линии, своевидна обиколница околу градот и издигната на столбови и проточна низ самиот центар до 9 перони. Ретко кој град тоа го има. И нај развиените градови, железниците им се со своевидно слепо црево, па по пристигнувањето, се откачува локомотивата, па се враќа назад во рикверц.
Очигледно, голем дел од политичарите и политиката немаат визија и стратегија за развој на државата, туку само борба за личен интерес. Место Скопје и попатните села и населби, кон Тетово и Гостивар, па и Кичево имаат интер – рејл, кој ќе вози на секој половина час, народот од северно – западниот дел од држава се мачи со комбиња, скапани автобуси, со коли, без никаква комоција и комфорт, а повторно скапо. Истото важи и за Куманово и попатните станици, и за Велес, се до Градско или до Чашка.
Не ми е јасно, како покрај автопатот за Свети Николе, до Штип, паралелно не се проби траса (што се уште може, но сега ќе чини повеќе) и за железницата. Ем ќе се растеретеше пругата до Скопје до Велес (истата е дел од коридорот 10), ем ќе се скратеше патот до Штип, кој е центарот на македонскиот исток, ем ќе го заживееше Свети Николе.
Никако, никој не направи да заживее пругата кон Демир Хисар и истата да се спои со Кичево. Едно Неготино или Градско се поврзе директно со Прилеп, за да се заобиколи кружењето преку Бабуна и Богомила, на патот од Скопје за Прилеп и Битола (по актуелната линија би продолжиле обичните патнички возови, по новата пруга би одела индустријата и експресните возови). Така на значење би добиле и станиците во Градско и во Неготино, а би се растеретил Велес.
Се уште не ми е јасно зошто Градот Скопје не ја користи пругата? Со предлогот за Бас Рапид Транзит на Шилегов (кој тврдам дека е лош, и не смее да се реализира), тој направи проект на линии на кои во градот проблем нема. Таму каде има широки булевари и проточен сообраќај (по булеварите Јане Сандански и Партизански одреди). Нас забрзување на превозот ни треба кон периферијата. Кон Волково и Геге, кон северот на Скопје, Чучер-Сандево, Бутел, Радишани и селата и населбите над нив. Кон Скопско поле, делови од Гази баба и кон Петровец.
Замислете, се качувате на брз воз на железничка, кој за неколку минути ве носи до Скопје Север, а од таму со мини бус, автобуси и комбиња, лесно стигате каде сакате во тој делот од градот, рипајќи го Бит Пазар, Јаја Паша и Чаир. Истото важи и за Драчево. Стигате до Драчево за неколку минути, а од таму мини буси и комбиња кон сите локални населби и села. Истото и до Трубарево. Па од таму превоз до Јурумлери, Петровец, Ржаничино, Огњанци, Катланово, Коњари.
Со мала инвестиција во пругата, може да имаме воз до скопскиот Аеродром. Исто како во цел свет. А не таксисти рекетари среде ноќ да се ценкаат дали ќе ве возат до дома за 20,30 или 40 евра, па да чекате аеродромски автобус на секои 3-4 саати кој оди до ГТЦ.
Се уште не функционира пругата од Битола за Грција. Жално! Истата, убеден сум дека ќе помогне многу за враќањето во живот на тој град.
Се уште не можам да сфатам зошто ден денес нема пруга од ниту една страна за Охрид. Ни преку Кичево, ниту преку Битола и Ресен. Страшно ограничување. И за Охридско струшкиот регион, и за охридскиот аеродром Свети Апостол Павле.
Мора да се инвестира и на пругата од Скопје до Гевгелија во целост. Прво ќе мора добар дел од трасата да се дислоцира и крене по високо (ради близината со течението на Вардар, и ограничувањето на можноста за хидроцентрали и искористување на водниот потенцијал на Вардар), а за да се почаја и забрза коридорот, пожелно е таа траса да биде со два колосеци, за да може да има проток во два правци без застанување.
За важноста за пругата кон исток, кон Крива Паланка, и до Ќустендил, за до Софија, како и подолу крак кон Струмица, Ново Село и граница со Бугарија, но и од другата страна на запад, поврзување со Албанија, и не сакам да дискутирам. Ако сакате здрава економија, не само патнички сообраќај, државата морате да ја поврзете транспортно со сите поголеми пристаништа.
Македонија се ојача комуникациски со светот преку Виз Ер, и патува сегде брзо и лесно, но на Балканот е отсечена. Народот зависи од автомобил или туристички агенции, и секакви авто превозници, додека железницата дава комоција и удобност, а е погодна и за големи тури и групи, но и вози низ средини кои авто превозниците ги заобиколуваат.
Државата Железницата ја подели на две фирми, Инфраструктура и Транспорт. Сметам дека доколку ја средиме и консолидираме цела инфраструктура, се остава можност да се јават и бројни нови транспортери, па место да се носат половни и скапани автобуси од Запад, ќе има многу заинтересирани кои ќе купат возови, па ќе оперираат на многу траси низ земјава.
Верувам и дека индустриските зони би имале голем интерес од една ваква стратегиска инвестиција.
Доколку државата преземе ваков чекор, ќе се покачи вредноста и на земјата и на имотите секаде онаму каде што има пруга, а и самиот народ ќе се мотивира да живее и во подалечни места, но брзо и сигурно да може да дојде пред се до центарот на Скопје.
Ајде да видиме дали и која политичка структура е спремна ова да го стави како основа на нивната политичка програма, и да го направи приоритет за следните парламентарни избори!?
Александар Ристевски