НАТО ќе им помогне на Шведска и на Финска доколку двете земји се соочат со закани во процесот на зачленување кон Алијансата, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
– Незамисливо е сојузниците да не дејствуваат, доколку Шведска и Финска бидат под каква било форма на притисок, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел.
Изјавата доаѓа во мигови кога новоизбраниот шведски премиер, Улф Кристерсон, е во посета на седиштето на НАТО, на разговори околу текот на присоединувањето на неговата земја кон Алијансата.
„Процесот на пристапување на Шведска и Финска е најбрзиот во модерната историја на НАТО“, истакна Столтенберг, поздравувајќи ги активностите што ги спроведува Стоклохм во насока да ја убеди Турција да го одобри зачленувањето на нордиските држави кон НАТО.
Шведска и Финска поднесоа барање да станат членки на Алијансата во средината на мај, како реакција на руската инвазија врз Украина.
Турција првично го блокираше почетокот на процесот, посочувајќи ги двете држави за поддршка на „терористички организации“.
Анкара често ги обвинуваше и Шведска и Финска дека ги поддржуваат курдските милитанти, како и групата на исламскиот свештеник Фетула Ѓулен со седиште во САД, која Турција ја смета за терористичка организација.
Хелсинки и Стокхолм ги отфрлија таквите забелешки, а кон крајот на јуни трите земји потпишаа Меморандум за разбирање за решавање на тоа прашање.
За Шведска и Финска да станат членки на НАТО, нивните апликации мора да бидат ратификувани од сите 30 членки на НАТО. Досега тоа го сторија 28 земји, а се чека на согласност уште од Турција и од Унгарија. (МИА)