недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Навивачите на Интер се уште не му простуваат на Лукаку

Навивачите на Интер се уште не му простуваат на Лукаку

Ромелу Лукаку се опорави и конечно заигра за Интер во синоќешната победа од 4:0 над Викторија Плзен во 5. коло од Лигата на шампионите.

Лукаку постигна гол веднаш по влегувањето во игра и ја запечати високата победа на Интер во натпреварот во кој блескаше Един Џеко со два гола. Интер на тој начин обезбеди осминафинале во Лигата на шампионите, а тренерот Симоне Инзаги конечно дочека да се врати одличниот Белгиец кој ќе биде многу важен во наредниот период.

Лукаку летово се врати во Интер, само една година откако премина во Челзи за 113 милиони евра. Претходно со Интер беше шампион на Италија, но истото лето реши да игра за Челзи.

Месеци подоцна тој јавно призна дека жали за заминувањето од Интер, поради тоа им се извини на навивачите на миланскиот клуб, а уште тогаш нагласи дека сака да се врати. Сега, кога се врати, не може да ја добие истата љубов од фановите како и претходно.

Како што истакнува „Калчомеркато“ вчера Лукаку се врати на теренот за прв пат по два месеци, влегувајќи во игра во 83. минута од натпреварот. Во тие моменти дел од навивачите на Интер почнале да го скандираат неговото име, но предводникот на ултрасите преку мегафоноит им даде инструкции да прекинат и никој да не го скандира неговото име.

Очигледно е дека на оние вистински навивачи на Интер им е тешко да заборават некои работи, вклучително и одлуката на Лукаку да го напушти Интер толку лесно по одличната сезона и освојувањето на Скудетото.

Откако постигна гол во последните минути, Лукаку го бакна грбот на дресот и истрча кон навивачите, ставајќи ја раката преку срцето сакајќи да се извини. Дали ќе биде доволно да се смени мислењето на некои фанови, ќе видиме во наредниот период.