петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Македонија

На неговиот роденден: Наполи му оддаде почит на Диего Армандо Марадона (ФОТО)

На неговиот роденден: Наполи му оддаде почит на Диего Армандо Марадона (ФОТО)

Фудбалскиот клуб Наполи на роденденот на Марадона му оддаде почит и се потсети на легендарниот аргентински фудбалер Диего Армандо Марадона.

По повод 62-от роденден на Марадона се одржаа голем број активности.

Сеќавањето на „десетката“ започна пред два дена, пред мечот во кој Наполи го победи Сасуоло со резултат 4:0 во Серија А, на стадионот што го носи неговото име. По неговата смрт, стадионот доби и статуа на Марадона, која беше поставена во тунелот на соблекувалната.

Почит оддадоа голем број навивачи, а присутни беа и поранешните соиграчи на Марадона.

– Додека талентот го постигнува она што другите не можат, генијалноста го постигнува она што другите не можат да го замислат. Тоа беше разликата помеѓу Марадона и сите останати, изјави тренерот на Наполи, Лучијано Спалети.

Исто така, група верници се собраа во светилиштето на Марадона во Квартиери Спањоли во Неапол во неделата за да го одбележат неговото раѓање.

Во Помпеја, која е дел од Неапол, официјално беше отворена улицата „Диего Армандо Марадона“ и големиот мурал со ликот на ѕвезда, дело на аргентинскиот уметник Максимилијан Бањаско.

Марадона почина на 25 ноември 2020 година во својот дом во Тигре, а во извештајот од обдукцијата се вели дека легендарниот фудбалер подлегнал на акутен белодробен едем предизвикан од хронична срцева слабост.

Роден е на 30 октомври 1960 година во Буенос Аирес. Во текот на својата блескава кариера играше за Аргентинос Јуниорс, Бока Јуниорс, Барселона, Наполи, Севиља, Њуелс Олд Бојс. Кариерата ја заврши во Бока Јуниорс во 1997 година. Работеше и како тренер, а најсериозен ангажман му беше од 2008 до 2010 година кога ја водеше аргентинската репрезентација.

Како играч на репрезентацијата на Аргентина, тој стана светски шампион во 1986 година во Мексико. Во репрезентативниот дрес одигра 91 натпревар и постигна 34 голови.