Одделението за внатрешни работи Кочани до Основното јавно обвинителство Кочани поднесе кривична пријава против С.З.(34) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.
Пријавениот, вршител на должноста директор на Средно општинско училиште „Ѓошо Викентиев“ во Кочани, со отпочнување на учебната 2022/2023 година дал под закуп деловен простор, сопственост на училиштето, на правно лице од Кочани, без да спроведе посебна постапка за закуп на недвижни ствари со електронско јавно наддавање и без да склучи Договор за закуп на деловен простор.
Имено, пријавениот бил должен да формира комисија за располагање со недвижни и движни ствари на училиштето, која ќе ја спроведе постапката за електронско јавно наддавање за давање под закуп на деловен простор и да склучи Договор за закуп на деловен простор со најповолен понудувач, односно учесник на јавното наддавање кој понудил последна цена која претставува највисока цена за месечната закупнина. Но, пријавениот ја искористил својата службена положба и овластување и сам го избрал правното лице на кое му го дал деловниот простор под закуп. На тој начин пријавениот го оштетил буџетот на училиштето, а на правното лице му овозможил бесправно да стопанисува со бифето и да се стекне со поголема имотна корист.
Со наведените дејствија пријавениот постапил спротивно на член 24 став 3 и 4, член 37 и 39 од Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост ( “Службен весник на Република Македонија“ број 78/15, 106/15, 153/15, 196/16, 21/18 и “Службен весник на Република Македонија“ број 101/19, 275/19 и 122/2021) со што сторил кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 4 в.в. став 1 од Кривичниот законик.