сабота, 23. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Англија со убедлив втор дел против Велс го потврди првото место

Англија со убедлив втор дел против Велс го потврди првото место

Фудбалската репрезентација на Англија го потврди првото место во групата Б на Светското првенство, откако триумфираше со 0-3 (0-0) против Велс. Натпреварот на „Ахмад бин Али“ во Ал Рајан понуди мирно прво полувреме, а потоа три гола на „Гордиот Албион“ за 18 минути игра во продолжението.

Герет Саутгејт се реши за неколку измени во стартниот тим. Поштеда добија Стерлинг, Сака, Маунт и Трипие, додека во првиот тим се најдоа Рашфорд, Вокер, Фоден, Хендерсон… Велшаните уште од стартот беа инфериорни, ги немаше никаде на теренот и само нивниот „поголем брат“ играше фудбал. Во првиот дел најдобрата шанса ја имаше Маркус Рашфорд, откако излета очи во очи со голманот Дени Ворд кој му одбрани.

Сепак, во второто полувреме на самиот старт за три минути двапати капитулираше велшката одбрана. Првиот гол беше дело на Рашфорд, откако од слободен удар мајсторски биеше во голманската страна. Ворд беше фатен во расчекор, па Рашфорд стрела за 0-1 во 50. минута. Велс изведен од центарот, топката се врати кај дефанзивците кои попуштија пред пресингот на Англија. Кејн успеа да центрира од десната страна, го пронајде Фил Фоден кој погоди за удвојување на предноста во 52. минута.

Во продолжението темпото на игра опадна, следеа доста промени и играчите како да подзастанаа. Точка на натпреварот стави Рашфорд со својот втор погодок вечерва, па во 68. минута ги постави конечните 0-3.

Англија заврши како првопласирана во групата Б и ќе оди на мегдан со Сенегал, додека САД ќе игра против Холандија.