Македонската репрезентација денеска ќе го одигра вториот натпревар од двомечот со Црна Гора, меч за кој селекторот Кире Лазаров ќе изврши една измена – Петар Атанасијевиќ ќе добие минутажа на местото на Цветан Кузманоски.
Голманот Никола Митревски, кој ќе биде прв чувар на мрежата на СП во Краков, ќе го пропушти и денешниот дуел добивајќи поштеда по напорните натпрервари во дресот на Порто.
„Николче ќе го поштедиме, имаше напорна сезона со Порто, среда – сабота натпревари. Одморот добро ќе му дојде, тој е професионалец, работи секој ден, ќе ни се приклучи во полн погон од први јануари“, изјави Лазаров.
Воедно, македонскиот селектор најави дека крилото Александар Петковски и десниот бек Давид Савревски се дел од тренажниот процес, но не е планирано да бидат вклучени во натпреварите, освен доколку не дојде до некоја несакана ситуација со повреда.
„Аце Петковски и Давид Савревски се иднина на македонскиот ракомет, сакав чисто да ја почувствуваат атмосферата и системот, да видат како се работи со репрезентацијата. Нив ќе ги имаме како резерва, сега за сега не сметаме на нив“, објасни Кире Лазаров.