Националните федерации на Словачка и на Норвешка, противниците на нашиот сениорски национален тим во февруарскиот ФИБА „прозорец“ во вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот 2025, ги објавија градовите во кои ќе ги организираат натпреварите од 5. односно 6. коло од претквалификациите.
Натпреварот Словачка-Македонија кој е закажан за 23. февруари, ќе се игра во спортската сала во Левице. Сала која е „дом“ на еден од најдобрите словачки клубови Патриоти Левице.
Три дена подоцна, нашиот најдобар машки национален тим ќе го одигра и последниот натпревар од претквалификациите. На 26.февруари, со почеток од 18.часот, Норвешка ќе ги пречека „црвено-жолтите“ во „Нордстранд“ Арената во Осло, која има капацитет од 2.000 седишта.
По четири одиграни кола, со максимален ефект од четири победи, Македонија е лидер во групата „Д“ од претквалифиакциите за ЕП 2025 година во која се уште и селекциите на Словачка, Норвешка и Данска.
За сигурен пласман, односно потврда на првото место, на избраниците на селекторот Александар Јончевски им е потребна една победа во овие два натпревари кои ги играме на гостински терен во текот на февруари.