Творештвото на Горан Стефановски беше во фокусот на читателите на изданијата на издавачката куќа „Полица“ во текот на минатата година кога беа одбележани 70 години од неговото раѓање. Најбарана книга објавена од „Полица“ во 2022 е „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски – прва книга за есеистиката на Стефановски. На второто и третото место според интересот на читателите се книгите со драмите на Стефановски, соопшти издавачката куќа.
За книгата „Идентитетот е приказна“ од Антоновски, која за кратко време по објавувањето во октомври имаше второ издание, „Полица“ наведува дека е високопрофесионално напишана книга која „фрла јасна светлина врз еден навидум маргинален, второстепен дел од импозантното творештво на Горан Стефановски, претставувајќи ни го во неговата севкупност и творечка полнотија“.
-Антоновски укажува на фактот дека и во драмите и во есеите се открива врховното книжевно мајсторство на Стефановски, кој во двата типа текст ги поставува клучните егзистенцијални прашања на единствен, уметнички начин од највисок ранг, нагласува истакнатиот книжевен критичар, поет, есеист и книжевен преведувач, Санде Стојчевски, во најновата рецензија за „Идентитетот е приказна“, објавена пред неколку дена, на почетокот на оваа година. Стојчевски и напоменува дека како темелно образован и енергичен автор, Иван Антоновски на својата аналитична приказна во оваа значајна книга ѝ пристапува со голема акрибија и со стратегиска обмисленост во поставувањето на широката теориска рамка во која ги разгледува претходните согледби, позиции и коментари за природата и основните својства на есејот воопшто, се наведува во соопштението.
Уште при објавувањето на првото издание на „Идентитетот е приказна“, универзитетскиот професор, книжевен критичар и писател Венко Андоновски истакна дека оваа книга не е само пионерско, туку е и професионално, методолошки точно поставено проучување на есеистиката на Стефановски.
– Имено, таа методолошка „десетка во целта“ лежи во сфаќањето на Иван Антоновски дека „есејот на Горан Стефановски може да биде метажанр“ во однос на неговите пиеси. Антоновски беспрекорно ја покажува семио-осмозата меѓу драмите и есеите на Стефановски. Неговата студија е методолошки чиста, инвентивна, јасна и дескриптивно-остензивна. Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски, посочува Андоновски „Идентитетот е приказна“ во која покрај студијата на Антоновски е објавен и последниот, тестаментален есеј на Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“, минатата година доживеа три промоции во државава, а согледбите поместени меѓу нејзините корици беа презентирани и пред истражувачи и студенти од странски универзитети, како и пред странски книжевни преведувачи. По интересот на читателите, на покана на локалните библиотеки и домовите на култура, веќе се закажуваат и промоции на книгата за оваа година, посочува „Полица“.
Вториот том со избрани драми на Горан Стефановски, кој е на второто место меѓу најбараните книги објавени од „Полица“, првпат во книжарниците се појави во 2021. и изданието веќе е исцрпено. Според податоците за интересот на читателите, односно за продажбата на изданијата, потоа следува првиот том со драми на Стефановски, кој минатата година доживеа трето издание, по првите две објавени во 2020. Во изданието се објавени драмските текстови: „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Баханалии“ и „Демонот од Дебар Маало“. Во моментов, ова е и единствената книга со драми на Стефановски достапна во книжарниците во земјава.
На четвртото место меѓу изданијата на „Полица“, според интересот на читателите е дебитантската поетска книга „Има и такви денови“ од младата македонска авторка Моника Стојановска.
Меѓу десетте најбарани книги објавени од „Полица“ се и: „Дневник од Гвантанамо“ од Мохамеду улд Слахи, „Откако умрев ми се случија други нешта“ од Рикардо Алфонсо, „Празникот на прчот“ од нобеловецот Марио Варгас Љоса, книгата за деца „Палеонтологија“ од Крис Макгауан, „Темно скенирање“ од Филип К. Дик и „Чудни цвеќиња“ од Донал Рајан.
– Особено радува што првите места меѓу најбараните книги објавени од „Полица“ ги заземаат дела од македонски автори, а посебно изненадува што првото место го зазема небелетристичка книга, што е вистинска реткост не само во македонското издаваштво, туку и во меѓународни рамки. Книгата „Идентитетот е приказна“ беше објавена нецели три месеци пред крајот на годината, а со интересот што го побуди кај читателите изби на првото место меѓу најбараните изданија во текот на 2022, се додава во соопштението на издавачката куќа.