Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје успеа да се рехабилитира од тешкиот пораз кој го претрпе од Партизан во АБА лигата и победи на првиот меч во македонската кошаркарска лига во 2023-та година.
„Металците“ наидоа на жесток отпор од ТФТ во првото полувреме кое заврши со резултат 54:54, но како одлучувачка се покажа третата четвртина во која домашниот тим ја направи клучната разлика.
Македонскиот првак го доби овој дел до 28:9 и си обезбеди предност од 19 разлика, која на крајот се покажа како недостижна и покрај неверојатната серија на ТФТ на стартот на последниот период.
Тимот од Тафталиџе отвори во последната четвртина со 12:0, потоа дојде и на само минус четири (83:79), но во тие моменти загуби здив и последната серија на МЗТ се покажа како пресудна за конечниот резултат.
МЗТ одговори со 8:0 и победи 91:81, а најдобар играч на паркетот беше Страхиња Миќовиќ кој имаше одлично издание со 34 поени и 17 скокови.