сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Емил Рајковиќ продолжува да испишува историја со ЦСКА Москва

Емил Рајковиќ продолжува да испишува историја со ЦСКА Москва

Македонскиот кошаркарски тренер, Емил Рајковиќ, влезе во историјата на регионалната ВТБ-лига како втор стратег на кого му успеало регуларниот дел од сезоната да го заврши без пораз, откако неговата ЦСКА Москва убедливо го совлада Зенит (100-80).

Претходно, тоа го направи само Римас Куртинаитис во сезоната 2013/14, но со помалку средби бидејќи се играло во две групи, поради што на крајот имал скор 18-0. Нашиот Рајковиќ, пак, завршува со скор 22-0 со што ќе биде запаметен како најдобар во една од најсилните лиги во Европа.

Македонецот веќе го собори рекордот по бројот на победи по ред во ВТБ, а ќе се обиде да го направи невозможното – да дојде до титулата без ниту еден пораз.

ЦСКА Москва како неприкосновен лидер влегува во втората фаза, во која екипите се делат во две групи. Во групата А се првите шест екипи и тоа ЦСКА, Уникс, Зенит, МБА, Нижни Новгород и Локомотив Кубан, додека во групата Б ќе се сретнат Парма, Самара, Автодор, Енисеј, Астана и Минск.

Ќе се играат уште десет кола во периодот од 28 јануари до 26 март, по што на екипите од групата А во четвртфиналето од плејофот ќе им се придружат двете првопласирани екипи од групата Б во битката за титулата.