недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Ашаданов: Овие девојки имаат срце големо како планина

Ашаданов: Овие девојки имаат срце големо како планина

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија по речиси десет години славеше во квалификациски меч откако со 68-66 ја совладавме Босна и Херцеговина во Сараево.

Селекторот Александар Ашаданов е презадоволен од изданието на неговите кошаркарки за кои има само пофални зборови.

„Мислам дека со прикажаното, апсолутно и ја заслуживме оваа победа. Многу важна, голема, огромна. Ова е наградата за се што вложивме во изминатиот период. Потајно се надевавме, веруваа девојките, верував и јас, веруваа и моите соработници во стручниот штаб, дека можеме да изненадиме во Сараево. Го направивме тоа, со комплетен македонски ростер, без помош на натурализиран играч, што исто така е голема работа!“, вели Ашаданов.

„Секоја чест за овие девојки кои го оставија срцето на теренот. Имаат срце, големо како планина. Покажаа дека треба да се верува во нив. Добро знаете со какви проблеми се соочувавме не само пред овој ФИБА прозорец, туку и на претходните два. Ниту еднаш не игравме во состав кој сакав да го имаме. Така беше и сега во Сараево. Но реков, овие девојки се феномен, сам по себе. Се издигнаа над сите невољи, и со ваква, кратка , домашна, ротација успеавме да совладаме една селекција која беше во горниот дел на табелата на Светското првенство, која е постојан учесник на Европското. Ова е мотив да работиме уште повеќе, макар што немаме многу време за одмор. Веќе во недела следува уште една тешка битка, во Скопје доаѓа Белгија, која веќе ја покажа својата моќ. Но за тоа потоа, малку да се израдуваме на оваа голема победа, па потоа ќе мислиме како против најдобрата селекција во групата“.