Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја поздрави како „историска“ најавата на Јужна Кореја за планот за обештетување на жртвите на принудна работа во Јапонија за време на војната.
– Ја поздравуваме таа историска најава, рече Блинкен и ја пофали „храброста и визијата“ на јужнокорејската и јапонската Влада.
Тој нагласи дека Сеул и Токио се два од најважните сојузници на САД и ја поздрави нивната работа за подобрување на билатералните односи.
Јужнокорејските власти денеска објавија план за обештетување на своите граѓани кои биле жртви на принудна работа за време на војната во Јапонија, со која Сеул сака да ги зајакне врските поради тензиите со Пјонгјанг.
И Јужна Кореја и Јапонија се клучни сојузници за регионална безбедност на САД против Северна Кореја.
Сепак, нивните билатерални односи беа затегнати долго време поради јапонската колонијална окупација на Корејскиот полуостров од 1910 до 1945 година.
Според јужнокорејските податоци, Јапонија за време на 35-годишната окупација регрутирала околу 780.000 Корејци за принудна работа, не сметајќи ги жените кои биле доведени во сексуално ропство од јапонските војници.
Министерката за надворешни работи на Јужна Кореја Парк Џин најави формирање јужнокорејска фондација за обештетување на жртвите и нивните семејства, но без директно јапонско учество.
Парк Џин изрази надеж дека Токио ќе одговори позитивно на таа одлука, „со доброволни придонеси од јапонските компании и целосно извинување“.
Новиот план на владата во Сеул бара локална фондација да прифаќа донации од големите јужнокорејски компании, кои имаат корист од воените репарации одобрени од Јапонија во 1965 година.
Министерот оцени дека овој историски договор е од суштинско значење за подобрување на врските меѓу Токио и Сеул.
„Соработката меѓу Кореја и Јапонија е многу важна во сите области на дипломатијата, економијата и безбедноста, во сегашната сериозна меѓународна ситуација и тешката глобална криза“, додаде јужнокорејскиот министер.
Веднаш реагираше јапонското Министерство за надворешни работи, наведувајќи дека јужнокорејскиот план ќе помогне да се „обноват здравите односи“ со Токио.
„Јапонската влада ги цени мерките што денеска ги објави јужнокорејската влада како обид за обновување на здрави односи меѓу Јапонија и Јужна Кореја“, рече јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши.