сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Раул: Со раката на срце искрено кажувам дека македонските навивачи се најдобри

Раул: Со раката на срце искрено кажувам дека македонските навивачи се најдобри

Некогашниот стратег на Вардар и селектор на репрезентацијата на Македонија, а сегашен предводник на ПСЖ, Раул Гонзалез ја раскажа својата досегашна авантура во ракометот во ексклузивна колумна објавена на официјалната страна на „ЕХФ“.

Кај нас популарниот „Ел Команданте“ уште еднаш ги загреа срцата на целата јавност откако во колумната неизбежно ја спомна Македонија и Вардар. Раул одвои добар дел од својата колумна за да го раскаже престојот во Скопје кој и по шест години му буди само убави спомени.

– Во 2014 година го презедов Вардар што ќе се испостави како уште едно неверојатно искуство за мене како тренер. Овој пат како главен тренер, затоа што го прифатив предизвикот за прв пат да водам еден тим. Во Вардар, во Скопје се  случи нешто што на прва „кликна“. Во 2016 година бевме елиминирани пред самиот Фајнл-фор од Фленсбург, а наредната сезона го достигнавме врвот. Тоа беше неверојатен настап, тоа беше нешто како излезео од книга. Имавме многу добра сезона, а во Келн ги победивме Барса и ПСЖ со еден гол разлика, и сега после шест години не знам да го опишам чувството.

– Не бевме фаворити, бевме изненадување и успеавме. Бевме победници на Лигата на шампионите. А во Македонија? Беше хаос, неверојатно лудило. ТВ преносот го следеа 90% од жителите, девет од десет луѓе кои гледале ТВ во тој момент го гледале финалето против ПСЖ, – напиша Раул, а потоа упати и пофални зборови до македонските навивачи.

– Исто така бев тренер и на националниот тим на Македонија и знаев колку им значи ракометот. Кога се враќавме во Скопје, над 100.000 луѓе беа на улиците за да прослават со нас, тоа беше нешто неверојатно. Со раката на срце можам да кажам дека македонските фанови се најдобрите во светот. Начинот на кој го поддржуваат нивниот тим, пасијата која ја имаат за спортот и нивните идоли, тоа е нешто непроценливо, -се присети легендарниот Раул чие име со златни букви ќе остане запишано во историјата на македонскиот ракомет.