недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Експериментите со Македонија не дадоа резултати, земјата самите ќе ја оправиме!

Експериментите со Македонија не дадоа резултати, земјата самите ќе ја оправиме!

Во бројни мои колумни и телевизиски настапи сум зборувал за тоа дека многу од експериментите кои се применуваат во светот, Македонија и македонскиот народ се користат како лабораториски заморчиња за истражување, од страна на дел од меѓународната заедница и одредени центри на моќ.

Имено, можете и самите да видите дека одредени процеси, државни уредувања, прекројување на граници, реформи, системски промени и што ли уште не, некаде пробно се применува, па истото потоа се аплицира некаде на друго место. Секогаш опитот прво се прави со места, народи и земји кои се помалку битни, или каде штетата помала.

Тоа, дали сме и колку сме битни е до нас самите. Никој не си игра мајтап со држава со изградени вредности, систем, квалитет, со своја елита. Што се случува кај нас?

Го менувавме неколку пати Уставот. Дозволивме партии формирани на строго етнички принцип. Од право на користење на мајчин јазик, се сведовме на „франкештајн“ двојазична држава, во која дури и кога има странец, се прават покрај преводот на странски јазик, и двојазичен македонско албански превод, дури и меѓународни посети, па ни се случуваат комедии при преводот како деновиве во МНР.

Од закон за користење етнички симболи, се сведовме на веење на знаме на соседна држава закачено на државни институции, каде неретко го нема државното знаме. Имаме паралелно образование, децата во мешани средини зборуваат повеќе на англиски отколку на државниот македонски јазик, затоа што истиот 30-40 од основците го учат дури почнувајќи во 4то одделение. Направивме општини кои неретко немаат логика на терен, едни се распаѓаат, други се развиваат со лудо темпо, а владее урбанистички хаос. Локалната власт е зависна од централна, а самата не успева да воспостави механизми за раст, собирање даноци и слично. Уфрливме форма на раководење институции „еден ваш, еден наш“ со етнички коалициски заменици. Делбата е и со верските објекти, па се трудиме да направиме повеќе и поголеми. И славењето и чествувањето на верските празници стана усилено и префорсирано, а неретко и про форма, на моменти делувајќи дека повеќе е ради имиџ или за инает на другите, а не ради некакви вредности, верба и душевен мир.

Па, ни дојдоа договорите. Секако, кој по насилен пат, кој со уцени. Прво Охридски, па Преспански, и искрено разочаран сум, што оној со Бугарија не беше Дојрански. Претпоставувам затоа и не се „фати“, или баш таков ревидиран и надграден ќе следи. Дојрански!

Македонската држава, македонскиот народ и сите оние етникуми кои живеат тука, никако не научија да живеат сплотено, да не дозволуваат никој од надвор да ги дели и ровари.

Дозволивме да се растуриме од внатре, да ни се распадне вредносниот систем. Се нарушија и семејни односи, и онаа генерациска толеранција, и грижата за постарите, а се влезе во филм на некаков кариеризам и саможивост.

После оние катастрофални 90ти, кои запустија еден куп фамилии, после уништувањето и кражбите на неколку банки, а подоцна и штедилници, па после воените конфликти и кај нас, и на Косово, народот бараше чаре како да донесе дома парче леб, или трајно да си оди од тука.

Европа ја одигра својата улога како дел од експериментот. Ги повлече кон себе држави кои беа многу зад нас, во секој поглед, а ние останавме на буништето, како отпадок и приврзок на Србија, заедно со Босна, Црна Гора, Косово, и Албанија.

Како што говорат некои податоци речиси 100.000 жители на Македонија зеле бугарски пасош. Убеден сум дека 80-90 отсто од нив живеат во странство денес. На пописот етнички така се изјаснија  едвај 3500, толку и гласаат за нивните политички претставници. За изборите претстојни во самата Бугарија, до тука се пријавиле за гласање само 160 души. Тоа е тоа драги комшии. Тоа се луѓето кои ги интересира вашата (а и по документи, и нивната) држава!

Притисоците кои се вршат кон опозицијата не смеат и нема да вродат со плод. Агендите во кои ние како народ и држава „билдаме“ кариера некои бирократи, завршија. Заканите од дестабилизација или некакво буниште на Европа, завршија. Ниту Норвешка, ниту Швајцарија, ниту Исланд, не се во ЕУ, па не се на никакво буниште на Европа. А заканите со нестабилност, кажете и ги на Америка. Ние сме земја членка на НАТО. Правилото е, чепнеш земја членка на НАТО, си ги навлекуваш сите на грб, а пред се Америка. Така да, ни плашењето веќе не проаѓа.

Македонецот, и целиот народ во државата, се уморни од лаги, манипулации и сплетки. Не веруваме веќе никому. Не веруваме на ништо што не е црно на бело на хартија со рокови и датуми, до најситен детаљ. Вака веќе не оди. Со клептоманиве, лоповиве и лажговциве веќе е завршено, само е прашање на ден и време кога е треснат од земја, кога ќе одат во длабока опозиција и кога ќе започне кривичниот прогон за се што направија изминативе години.

Доста беше на етничко, верско, политичко, регионално и било какво делење на народот. Време е за работа и за правда. Народот сака ред, поредок и правда. А за тоа, ќе мора длабок и болен рез.

Македонија заслужува да е пристојно место за живеење, место во кое пари ќе имаат оние кои произведуваат, создаваат, креираат, извезуваат, а не трговци, прекупци и тендераши. Држава каде умните и талентираните ќе се во образование и наука, а не роднините и љубовниците на ликови од власта. Време е да сфатите дека народот кој ве донесе на власт  токму за тоа, а не за да не продадете за без пари ко пусти говеда, да тргувате со нашиот идентитет и да крадете ко луди.

Време е за промени, време е оваа актуелна власт да си оди, а претставниците на ЕУ да сфатат дека нивните „миленици“ се завршена приказна. Македонија ќе ја оправиме од внатре, за нас самите, за да имаме поубав живот, а со вас ќе преговараме како еднакви, а не како поданици.

 

Александар Ристевски