четврток, 21. декември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Од среда мала корекција на ограничените цени, но нема да има производи поскапи од сто денари

Од среда мала корекција на ограничените цени, но нема да има производи поскапи од сто денари

По состанокот што владата го имаше со увозниците на овошје и зеленчук, одлучено е да се направи мала корекција на цените на цената на доматите и краставиците, информираше денеска на прес конференција министерот за економија, Крешник Бектеши. Коригираните цени ќе важат од вторник или среда, откако ќе биде коригирана и објавена владината одлука. Но, цените на овошјето и зеленчукот кои беа наведени во одлуката, нема да бидат повеќе од 100 денари.

-Генералниот нашиот увоз се прави од Турција, Грција, Србија и Албанија и повикувајќи се на новите цени во Царинската управа, наредниот вторник ќе ги ревидира замрзнатите цени – ќе има многу мало зголемување како највисока цена на овие производи, но никако нема да има цени од пред неколку дена кои се движеа до 130 и 140 денари, рече Бектеши.

Бектеши рече дека со увозниците разговарале и околу практиката да се доставуваат двојни фактури пред Царинската управа, што е документирано од институциите. Министерот потсети дека е кривично дело прикривањето на данок.

-Немаме надлежност врз ЦУ, но сите наоди ќе ги доставиме и плус јавно ќе следиме за да направат контролите што сум убеден дека ќе се направат, изјави Бектеши.

Бектеши очекува веќе од крајот на април и почетокот на мај цените да паднат, со изнесувањето на тезгите на домашните производи.

-Ние нема да отстапиме од вакви одлуки во време на криза. Месец април секогаш бил проблематичен во делот на цените на овошје и зеленчук затоа што немаме домашно производство. Нема да толерираме маржи од 100 па и 200 отсто маржа, кажа Бектеши.

Со денешните информации од Државниот завод за статистика, има пад на стапката на инфлација за 2 отсто во споредба со февруари и сега изнесува 14,7 отсто. Ова е и најголемиот пад на инфлацијата во споредба со октомври, лани, кога инфлацијата почна нагло да расте.