четврток, 11. јануари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

Тепеѓоз/и

Тепеѓоз/и

Тепеѓози ти се човеколики творби кои гледаат, ама не видат, слушаат, ама не заушуваат, и резонираат, ама рациото не им пали.

Со желба и намера нај соодветно да ги наречам, претставам и објаснам одродниците македонски кои менуваат име, Устав, продаваат идентитет македонски, дозволуваат на туѓинци да ни ги суредуваат историјата и образованието и се откажуваат од највредните македонски брендови, отидов малку подалеку во минатото и консултирав неколку литературни и публицистички трудови од “Македонски вести“, за период од 1935/36година. Таму го најдов зборот “тепеѓоз“. Овој збор е турски. И веднаш се сеќавам кога како мал си играв по кочанските маала, во турското маало честопати го слушав тој збор. Кај нас, во Кочани, го изговараат малку поинаку-тапаѓоз. Тепеѓоз или тапаѓоз, сеедно е – тоа значи дебелоок. Со овој збор се изразува револтот кон оној што си го изгубил своето човечко достоинство, губејќи ја својата личност. Инаку, дебелоокиот е тап, рамнодушен и истовремено предизвикувачки расположен. Национално лабилен, склон кон одродување. Заглавен е во дефетизам. На негова страна се резоните за наведната глава сабја не сече,  за глувоста на каурската пушка чиј куршум не дупи, за она народски срочено ‘’седи мадро да не носиш модро’’, за тоа дека Давид никогаш повеќе не може да го победи Голијат, и се така со ред.

Ајде сега само погледнете ги како од момент во момент Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Слободан Тунтев и Никола Димитров го менуваат своето расположение и изразот на лицето, и се ќе ви стане јасно –  на кого мислам и за што ќе пишувам. И сега ве молам, загледајте се внимателно во очите на тапаѓозот и вие бездруго ќе видите нешто слично на идиот во политиката, правото, уставниот систем. Тука, веднаш сакам да се разбереме: тапаѓозот дефинитивно не е идиот. Ама не е ни човек во вистинска смисла на зборот. Тој ти е нешто како животно од царството на животните, ама не е ни животно. Зошто? Затоа што нема душа, нема чувство. Животното сепак колку-толку има социјален инстинкт. Припомнете си како рикаат воловите кога ќе нагазнат во текот на пролетта на земјата крв. Тие го оплакуваат животот, тагуваат за жртвата и без прекин мукаат, па така во јад и силна возбуда се задечкуваат. Исто така, претставете си ја страчката, како од жал го храни куковичето што се излупило од нејзиното гнездо. Кај страчката, кај животните воопшто има развиено социјално чувство. Ееее, тоа не е случај со тапаѓозот. Кај него недостасува секакво чувство. А најмногу недостасува социјален елемент. Тоа е апсурд. Тој живее и вирее во сите социјални средини, најповеќе го има во политиката и дипломатијата, арно ама му недостасуваат припадност кон заедницата, и возвишени мисли кон нацијата и татковината. Затоа штетата од тапаѓозот е голема и ненадоместлива. Во нашиот случај ни го менува светото име Македонија, дозволува идентитетски да бидеме обезличени па изобличени и учествува во фалсификатот на нашата историја со крв напишана.

Инаку, тапаѓозот е рожба на современото општество, на неговите недугавости. Него го создава глобализацијата, која го одродува од мајката родина и го прави безличен глобалист. Насекаде има тапаѓози, ама во редовите на владејачката гарнитура во Македонија од нив врие. Има еден од нив кој ја наметнал тогата на премиер кој не го изговара уставното име на својата држава – Република Македонија- го погани јазикот македонски така што во меѓународната политика зборува лош бугарски, полош англиски, а најлош српски јазик, па така за македонски не става. Тој е синоним на совршен тапаѓоз, а богами конкурира и за супер мега-тапаѓоз. Да видиш и му успева. Доследен е само во своите лаги. Лаже, лаже и лаже, така што на крајот суши од лажење. Му конкурираат и горе споменатите кои истурија еден куп лаги за договорот/спогодбата со Грција за промена на името на нашата држава за влезот во ЕУ и НАТО и за референдумот. Да им се чудиш да не можеш да им се изначудиш.

На крајот својата тапаѓозност ја потврдија со донесување на одлука за распишување на консултативен референдум на кој ќе биде поставено прашање три во едно: Прашање за договорот со Грција, прашање за промена на името на Република Македонија и прашање за влез во ЕУ и НАТО. Толку од  обврската прашањето да биде јасно и прецизно формулирано, недвосмислено и еднозначно. Тоа тие се тапаѓози пар екселанс. Дрски, нечувствителни, сурови кон својот народ, а сервилни кон меѓународниот фактор – френци, немци, и останатата сурија. Забелешки не разбираат, приговори не прифаќаат, а на критика се ежат. Не знаеш дали да ги сожалуваш, презираш или исмејуваш. Ама како и да постапиш кон нив тапаѓозите од ништо не се дразнат. Па така, демек ако не успеал референдумот институциите ќе одлучеле. Епа тапаѓози низаедни кој одлучи за срамниот договор со Грција? – Владата и Собранието. Кој одлучи за распишување за референдумот? – Да не случајно народот одлучи? Пак Владата и Собранието. Епа ако народот не ви гласа на тој срамен референдум, бидејќи не е глупав да се самоукине, нели ви е јасно дека не ви ги прифаќа политиките и не ве прифаќа вас? Не ви е јасно, ама ќе ви се разјасни. Немојте да се секирате, бидете сигурни, разјаснето ќе ви биде. И сега што уште повеќе да се каже за тапаѓозите? Немаат честољубивост, а од срам се оперирани. Ги гледаш во лице, не видиш образ, туку ѓон. Тоа ти е. Тапаѓозите немаат чувства ниту душа. Имаат само стомак и инстинкт да го полнат. Толку за тапаѓозите.

Сотир Костов