понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Винисиус: Расизмот е нормален во „Ла Лига“

Винисиус: Расизмот е нормален во „Ла Лига“

Фудбалерите на Реал Мадрид загубија на гостувањето кај Валенсија со 1:0 на стадионот „Местаља“ во 35 коло од „Ла Лига“.

Триумфот на домаќините се најде во втор план и во сенка на тепачката во финишот на натпреварот, кога играчот на Реал, Винисиус беше исклучен поради ударот врз фудбалерот на Валенсија, Уго Дуро.

Бразилецот во текот на целиот меч беше „мета“ на расистички навреди од трибините. Главниот судија дури му се извини на Винисиус, а домаќинот Валенсија се обидуваше со испраќање порака на семафорот во која го осудува однесувањето на навивачите.

Во еден момент работата толку излезе од контрола што капитенот на домашниот тим Хозе Гаја излезе на трибините на кои беа сместени најжестоките навивачи на Валенсија и побара од нив да престанат.

Сè што не доживеа Винисиус на „Местаља“, крајно ги загуби нервите, добивајќи расистички навреди, нападнат од голманот на Валенсија, па гушење, и на крајот да добие црвен картон. Бразилецот крајно емоционално скршен, по мечот се огласи и на „Инстаграм“ и со сериозна порака до „Ла Лига“:

– Не беше прв пат, ниту вторпат, ниту третпат. Расизмот е нормален во „Ла Лига“. Натпреварувањето смета дека е нормално, тоа го прави и Федерацијата, а противниците го охрабруваат. Многу ми е жал. Првенството кое некогаш им припаѓаше на Роналдињо, Роналдо, Кристијано и Меси, денес им припаѓа на расистите. Прекрасна нација, која ме пречека и која ја сакам, но која се согласи да го извезе имиџот на расистичка земја во светот. Жал ми е за Шпанците кои не се согласуваат, но денес, во Бразил, Шпанија е позната како земја на расисти. И за жал, за сè што се случува секоја недела, немам одбрана. Се согласувам. Но, јас сум силен и ќе одам до крај против расистите. Дури и ако е далеку од овде – стои во објавата на Винисиус.