четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Фер-плеј потег за пофалба: РК Пролет побара РФМ да прогласи победа за РК Бутел во меѓусебниот натпревар

Фер-плеј потег за пофалба: РК Пролет побара РФМ да прогласи победа за РК Бутел во меѓусебниот натпревар

Ракометниот натпревар меѓу Пролет 62 и Бутел Скопје заврши со нерешени 23-23, во рамките на претпоследното коло на плеј-офот во Суперлигата.

Поради одолговлекување во последниот напад, по досудена пасивност, бутелчани беа казнети со црвен картон за Мирко Мајиќ и пенал за домаќинот. Ракометарот Давор Павлевски го реализираше седмерецот, па мечот заврши нерешено. Од Пролет се огласија со соопштение во кое џентлменски признаваат дека пеналот бил неправедно досуден и побараа од РФМ натпреварот да биде регистриран со 22:23 за Бутел.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

„Како клуб со традиција долга повеќе од 60 години, наше основно начело отсекогаш бил спортскиот ферплеј и сме се раководеле преку истиот без оглед на моментите резултати шти биле остварувани.Токму поради тоа, непријатно сме изненадени од случувањата во самиот финиш на вчерашниот натпревар меѓу РК Тинекс Пролет 62 и РК Бутел, како и од реакцијата на гостинскиот клуб по неговото завршување. Многу полесно ќе беше мечот да го одиграме в сабота и Бутел да биде без важен играч во своите редови, но постапивме крајно спортски и излеговме во пресрет на нивното барање натпреварот да го закажеме за недела. Начелото на ферплеј и покажување на големина и во победи и во порази е нешто што РК Пролет го красело и се уште го краси, тоа го демонстрираме и во овој случај.

По консултациите извршени во рамките на нашиот клуб, наша препорака е жалбата на РК Бутел да биде прифатена и дуелот да биде регистриран со резултат 22-23, поништувајќи го со тоа последниот гол од пенал за израмнување. Грешките се составен дел од секој спорт, па и од ракометот, не сакаме да биде покажувано со прст кон било кој како виновник за финишот од мечот во нашата сала „Македонско Сонце“. Резултатот во случајов не е толку важен колку респектот што треба да се гради меѓу сите чинители во македонскиот ракомет. Затоа што мак-ракометот е многу повеќе од една победа или пораз“.