Денеска во 14 часот, вработените во Филхармонија ќе одржат протест пред Министерството за култура кое веќе доби црвен картон на последниот концерт од официјалниот дел од концертната сезона „Дамар на слободата“, кој се одржа во петокот на сцената на НОБ, во рамки на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
-Нашите протести продолжуваат се до конечната промена на штетната одлука која ја донесе Министерството за култура. Колку повеќе Министерството за култура го прологира решавањето на проблемот, толку повеќе се продлабочуваат и последиците кои веќе се одразуваат и на работата на нашата институција. Негативната медиумска кампања во последниве неколку месеци, направи сериозна штета на угледот и реномето на нашата институција. Нападите на поединци, но и оркестрираните платени текстови во медиумите целосно ја искривија реалната слика за проблемот во јавноста. Сто пати повторена лага – станува вистина беше лајт мотивот на манипулативната медиумска кампања која се уште се води против нашата институција, велат од Македонска филхармонија.
Од таму посочуваат: „Вистината и аргументите се на нашата страна, тоа и е јасно и на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која не сакајќи да ја признае сопствената грешка, влезе во отворена војна со нашата институција“.
-Ако работат на решение, треба да бидеме информирани за тоа, а не целосно игнорирани од страна на Министерството за култура. Наместо конструктивност и решавање на проблемот, нашата институција во моментов е „нападната“ од инспекции на Министерството за култура и има блокирана сметка. Наместо да покажат разбирање за нашиот проблем и да го решат што поскоро, Министерството за култура, со последното соопштение кое го прочитавме во еден од медиумите, повторно не обвини дека „манипулираме со културната јавност и со врвните професионалци од сферата“. Ние, почитувана министерке, се бориме против манипулациите и лагите поради кои нашата институција во последниве три месеци трпи сериозна штета. А, вие со вашите досегашни потези, изјави и игнорантски однос кон нашата институција само потврдивте дека имате проблематичен однос кон традицијата, културата и кон врвните професионалци кои и дадоа безрезервна поддршка на Филхармонија, велат тие.