вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Солистички концерт на Дино Имери на „Охридско лето“

Солистички концерт на Дино Имери на „Охридско лето“

Секоја година „Охридско лето“ дел од својата програма отстапува за домашните музичари и уметници. Така вечерва сцената на катедралната црква „Света Софија“ е резервирана за концертот на Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти.

Дино Имери со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот, како гостин на врвни оркестри, како уметник – изведувач на рецитали и како камерен музичар. За него француската критика пишува: „Дино Имери – магионичар на пијаното..“ (Magazine, OPS), а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката на неговите концерти.

Стручната критика вели дека „Имери не само што ја изведува музиката, скоро како да ја компонира во моментот. Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника,инструментална култура и фасцинантна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет во неговите изведби – ова е краток опис на неговото големо умеење.“ (Е. Дочева, Kultura.bg).

Настапувал со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Филхармонијата на Р. Северна Македонија, Симфонискиот и Камерен оркестар на ФМУ-Скопје, Оркестарот на НОБ.

Добитник е на бројни награди и признанија: „Виртуози“ за млад музички уметник, „Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат е на Фондацијата „Томислав Зографски“, Златна Бубамара на популарноста, рангиран е во десетте најдобри млади европски пијанисти според „3eme Concours européen de piano – Normandie“… Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи, бележи успеси и како композитор, пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика. Со музичко образование се стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), дипломира со високи почести на ФМУ-Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира со високи почести и просек 10,00 на ФМУ- Скопје (класа на проф. Симон Трпчески). Од 2018 гoдина Дино Имери предава на Факултетот за музичка уметност во Скопје при УКИМ.

На програмта на вечеранипт концерт се Шопен и Рахмањинов. Почетокот на концертот е од стаднардниот фестивалски термин од 21 часот.