Култниот скопски кошаркарски клуб Маџари ГБ во следната сезона ќе се натпреварува во Втората македонска кошаркарска лига. Иако мината кампања беа запрено во полуфиналето на плеј-офот на третолигашите, клубот од Скопје успеа да ги исполни амбициите и ќе игра во второлигашкото друштво.
До ова Маџари дојде преку преземање на работењето на КК Струмица, а со тоа и нејзиното второлигашко место. Возобновениот клуб има високи амбиции, меѓутоа во првата сезона не успеа да се врати во Втората лига. Сепак, се изнајде начин и Маџари продолжува според зацртаното.
„Голема победа: Маџари ГБ следната сезона ќе игра во – Втората лига!Без разлика на „тесната“ и по малку несреќна елиминација во клучната полуфинална серија во третолигашкиот плејоф минатата сезона, нашиот КК Маџари Гази Баба продолжува по зацртаните стапки и следната сезона ќе игра таму и каде што посакувавме – во Втората лига.
Управата на клубот летово речиси 24 часа на ден работеше за остварување на оваа цел, што е само прв чекор до тоа кон што се стремиме, а тоа е играње со најдобрите во македонската елита и денеска конечно успеа во тоа. КК Маџари ГБ како амбициозен проект, позади кој стојат квалитетни, искусни, но пред се луѓе вљубени во кошарката и во оваа екипа, успеа да договори преземање на клубот, а со тоа и на второлигашкото место од КК Струмица.
Договорот е веќе потпишан, што значи дека во втората година од возобнувувањето, нашиот клуб ќе се пријави за настап во второлигашката конкуренција, каде што ќе покажеме дека и заслужено припаѓаме. Ова е награда за сиот труд на нашите кошаркари, тренери, стручниот штаб и пред се на управата, но и мотив за уште посериозна и понапорна работа. Доказ дека со вистински луѓе и со голема љубов кон тоа што се прави, ништо не е неостварливо“, стои во соопштението.
Челниците на клубот најавија дека веднаш се стартува со креирање на тим со кој прво целта ќе биде опстанок во Втората лига, а потоа можеби амбициите и ќе пораснат.