Во Куршумли ан вечер во 20 часот ќе биде отворен 14. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ кој ќе се одржува до 24 август во Скопје под мотото #пресечи (#cutit). Тематски фокус на фестивалот е монтажата на документарните филмови.
На првата фестивалска вечер ќе бидат прикажани краткиот документарен филм од Франција „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон и германскиот долгометражен документарец „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб, а по проекциите концерт ќе одржи групата „Искра“.
Филмската програма на 14. „МакеДокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. Земја во фокус годинава е Данска.
„МакеДокс“ во соработка со фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ ќе прикаже и неколку наградувани анимирани документарни филмови кои биле дел од програмата „Анидок“.
Фестивалот ќе се одржува на четири локации – Куршумли ан, платото на Музеј на Македонија, Младински културен центар и Супи ан, додека мастеркласовите ќе се одржат во Даут-пашин амам.
Целосната програма е достапна на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (makedox.mk), може да се симне и фестивалската апликација и онлајн да се купат билети за фестивалот.