среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Македонската кошаркарска сцена ќе стартува на 23 септември

Македонската кошаркарска сцена ќе стартува на 23 септември

Македонската клупска кошаркарска сезона ќе почне на 23 септември со Суперкупот „Драган Василов-Цевка“ помеѓу МЗТ Скопје и Феникс, додека првенството ќе стартува четири дена подоцна со речиси идентичен систем како и во минатиот шампионат, со мали промени во плејофот.

Прво што паѓа во очи е фактот што втора година по ред нема да се игра суперлигашкиот дел од првенството, а причина за ова повторно е настапот на три македонски екипи во АБА2 (МЗТ, Пелистер и ТФТ), како и на Работнички и Феникс во квалификациите за ФИБА Еврокупот, што создава проблеми при креирањето на календарот.

Главната промена е во делот на доигрувањето, каде што и годинава ќе се пласираат најдобрите осум тима. Четвртфиналните и полуфиналните дуели од оваа сезона наместо во два ќе се играат во три добиени средби односно наместо максималните три натпревари овој пат ќе има можност екипите во овие фази да играат до пет средби.

Финалето останува како и до сега односно до три добиени меча. Секоја од трите плејоф-фази ќе се игра според принципот 2-2-1, што значи по два домашни меча прво кај подобропласираниот прволигаш, каде што би се играла и евентуалната „мајсторка“.

Според предложениот календар, сезонава најдоцна би завршила на 2 јуни, во ситуација кога би се искористиле сите термини во секоја од трите фази во доигрувањето. Титулата ја брани тимот на МЗТ Скопје.