четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Низа напади на медиумски екипи за краток период: Државата не ги штити, па насилниците добиваат сила – новинарството на удар

Низа напади на медиумски екипи за краток период: Државата не ги штити, па насилниците добиваат сила – новинарството на удар

Сопственикот на депонијата за собирање отпад во општина Берверница денеска им се заканувал на медиумските екипи не дозволувајќи им да снимаат видео од пожарот на оваа депонија. Тој ги апречувал во вршење на нивната должност и ги навредувал.

Ова е само најновиот од низата напади со кои изминатиов период се соочуваат новинарите во Македонија. Се почесто стануваат мета на вербално, но и физичко насилство цели медиумски екипи – новинари, сниматели, фоторепортери… Да биде иронијата голема, ова се случува во годината кога претставници на Владата се фалеа со напредокот во слободата на медиумите констатиран во извештајот на „Репортери без граници“.

Каква слобода оценуваме кога новинарите се жртви на вербални напади пред се од страна на функционери?! Бројни се скандалите кога челни фигури од власта со дрзок однос и потценување, па дури и понижување, им се обраќаат на новинарите кои службено се дојдени на настан бидејќи тоа им е работа.

Па кога никој од нив не добива казна или во најмала рака опомена од Владата, и другите добиваат на “сила“ да се однесуваат така со претставниците на седмата сила, која за жал, во Македонија, не се ни смета за сила.

Да потсетиме на дел од нападите врз новинари случени изминатиов период:

Пред два дена,  за време на снимањето инсерти во Скопската чаршија на јавна површина, нападнати се снимател и новинарките Ера Ѓакова и Сара Хоџа од страна на сопственик на берберница во скопската чаршија.

Според изјавите на нападнатите, додека снимале инсерти во чаршијата за потребите на емисијата од еден од дуќаните излегол сопственикот, бербер со ножици и им се обратил со вербални навреди и закани по живот, при што на снимателот му нанел видливи повреди на главата.

При физичкиот напад била оштетена и опремата на снимателот. На лице место, не полицијата, туку случајни минувачи биле прбите кои ги заштитиле новинарките и снимателот од насилниот бербер.

Бизнисменот кој беше министер во Владата на Зоран Заев, Кочо Анѓушев, со цел да демантира информации објавени од страна на новинарите во ИРЛ, им се обрати со зборовите:

„Монструозни идеи на групата ИРЛ, која со последната лажна конструкција покажа дека е срам за луѓето кои професионално работат во новинарството и дека недвосмислено станува канцер за здравото економско ткиво на државата”.

На ова реагираа од ЗНМ посочувајќи дека ваквиот начин на комуникација недвосмислено претставува притисок кон истражувачкото новинарство и обид за обесхрабрување на сите новинари и медиуми да се интересираат и да истражуваат теми кои се поврзани со корупцијата, владеењето на правото и злоупотребата на позицијата на моќ.

Кон крајот на минатиот месец, екипата на телевизија Телма беше попречена во својата работа.

Новинарот на телевизија Телма, Павле Беловски, кој известуваше од седницата на Судски совет, во линковско вклучување во централното информативно издание беше спречен во извршувањето на својата работа, односно известување на јавноста.

На катот каде што се просториите на Судски совет, оддалачен од салата на Судски совет, и пред затворената врата, каде што беше поставен линкот, лица од обезбедувањето се обидоа да го прекинат линковското вклучување и да го спречат јавувањето во живо со порака дека тука не смее да се снима. Откако линкот беше прекинат од вработените на Телма, новинар и снимател, кои ја следеа седницата, било побарано да се легитимираат, иако пред да се влезе во објектот уредно се легитимира секој кој ќе влезе со приложување личен документ.

Новинарката Рита Бехадини доби експлицитни закани упатени на нејзината објава во врска со јавниот став од страна на оџата од Сарај на социјалната мрежа Фејсбук.

Во објавата од извесен профил именуван како Фисник Хоџa се посочува следната закана: „Ај избриши го постот што го напиша против оџата, семејството ќе ти го е****. Утре ќе дојдам пред Алсат, увото ќе ти го исечам со нож” и истата претставува директен повик за физичко насилство кон новинарката Бехадини со што се загрозува нејзината безбедност, а потенцијално и сигурноста на останатите колеги од овој медиум.

Новинарката пото ги доби следниве закани:

„Рита Бехадини пишувајте за мене преку порталите, ама јас си стојам на зборот, фамилијата во у*** ќе ти ја е***, ќе дојде ден кога ќе ми паднеш во рака“.

Во друга објава на Фејсбук пишува: „Рита пишувај за мене, ама слушни ме добро, ќе те најдам и со бензин ќе те запалам, и ќе те обесам на плоштад „Скендеркоза“.

„Рита Бехадини, избриши ја објавата за Хоџата Омер и побарај извинување. Новинарката Рита Бехадини вчера и денеска 24/7 ја придружува 1 полицаец. Рита, под надзор си додека те фатам и многу добро знаеш што ќе те снајде“, пишива Хоџа.

Заканите по живот се кривични дела опфатени во Кривичниот законик за што е предвидена затворска казна за сторителите.

Снимателот на ТВ 24, Иван Камчев, пред еден месец бил вербално и физички нападнат и му била оштетена опремата додека се обидувал да сними сообраќајна несреќа на патот Градско-Прилеп во Македонија.

Иван Камчев додека се враќал од снимање со колега од МРТВ бил сведок на сообраќајна несреќа на патот Градско-Прилеп кај општина Росоман. Во обид да го документира настанот, снимателот Камчев бил вербално, а потоа и физички нападнат, при што му била оштетена опремата.

„Само што почнав да снимам инсерти, лицето ми пријде и почна да вика новинари предавници, вие само барате некакви права и ни се обраќате со навредливи зборови. Неколку пати замавна кон мене и еднаш успеа да удри во трибината и ја оштети камерата“, рече Камчев во телефонски разговор со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Новинарот Огнен Јанески, на емисија во живо на ТВ24 стана жртва на говор на омраза и јавни закани.

Истото лице преку дополнително јавување во попладневната емисија „Очи в Очи“, вербално му заканил на новинарот со зборовите: „И овие што се јавуваат и што те поддржуваат, те дигаат до небо, ќе те соборат. Истите тие пак. Ти благодарам за тужбата што ќе ми ја поднесеш. А ќе се сретнеме ние двајца и на друго место, кај што живееш ти“, чин што претставува загрозување на неговата безбедност.

Во месец април, по објавената сторија од страна на новинарот од Тетовасот Невриј Адеми за непотизмот во процесот на вработување на сопругата на раководителот на секторот за образование во општина Тетово Валидин Адеми, добил онлајн закана на Фејсбук од страна на братот на раководителот Адеми.

Според укажувањата, лицето Валмир Адеми во приватна порака му се заканил со зборовите: „Ми чепкаш во лебот и во семејството затоа од овој момент, ти заедно со твојот газда пазете се”.

Новинарот Сунаи Сабриоски беше жртва на омаловажувачки однос и напад на лична основа во објавата на Civil Media со наслов: „Медиумите на кратко јаже со центарот на лагите”.

Сето ова се случи само во изминативе месеци, а реалниот број на закани и напади кои новинарите ги добиваат се многу поголеми, речиси на секојдневна основа.

Во дел од случаите МВР го открива виновникот и тој чека пријава. Но, дали е тоа доволно? НЕ!

Државата треба да ги заштити медиумските работници во секоја смисла, да не доаѓа до вакви напади. Новинарите мора да имаат слобода да си ја работат својата професија, да им бидат овозможени сите услови за работа и секако да им бидат испочитувани сите права кои ги имаат.

За жал, освен на навреди и напади, новинарите секојдневно се изложени и на потценувачки однос, на забрани и ограничувања, токму од оние на чија должност им е да одговорат на нивните прашања кои ги поставуваат во име на граѓаните.

Најнови вести