среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

ВИДЕО: „Бомбата“ на Валверде го реши Наполи

ВИДЕО: „Бомбата“ на Валверде го реши Наполи

Реал Мадрид запиша голема победа во дербито од второто коло на групата против Наполи пред полните трибини на „Диего Армандо Марадона“ со 2-3 (1-2). Одличната пресметка под Везув понуди многу драма, шанси и голема борба. Наполи прв поведе, ама „кралевите“ направија пресврт до одморот. Зиелински израмни во продолжението, но само до „бомбата“ на Федерико Валверде кој изнуди автогол на Мерет.

Наполи – Реал Мадрид 2-3:

Дербито на денот во целост го оправда тој епитет. Екипите тргнаа со отворен гард во надигрувањето. Резултатот беше отворен со погодокот на Лео Остигард. Дефанзивецот на Наполи по еден корнер и одбиена топка од пречката се најде на вистинското место и со глава го матира Кепа за 1-0 во 19. минута. Сепак, до полувремето Реал се наметна и успеа да направи пресврт. Израмнувачкиот гол беше дело на Винициус Жуниор, кој по асистенција од Белингем погоди за 1-1. Токму асистентот Џуд Белингем го комплетира пресвртот во 34. минута. Англичанецот доби топка на околу 40 метри, ја поведе кон противничкиот шеснаесетник и „нанижа“ неколку дефанзивци, па елегантно погоди за 1-2. До паузата Наполи имаше неколку добри шанси за израмнување, ама Кепа го спаси својот гол. Најзрелата можност ја имаше Осимен со глава.

Брзо на отворањето на второто полувреме „партенопеите“ добија пенал. Начо беше невнимателен, крена високо рака и во дуел со Осимен направи најстрога казна. Одговорноста ја презеде Пјотр Зиелински, па од стативата стрелаше за 2-2 во 54. минута. Наполи се разигра и беше многу смел, успеа да го притисне гостинот и имаше неколку неискористени можности. Реал Мадрид одигра според својот стил, го издржа притисокот на домашните, а потоа дојде до ново водство. По еден корнер, одбиената топка заврши кај Федерико Валверде кој испрати „бомба“ од околу 25 метри, топката се одби од дефанзивец, од пречката и од грбот на Мерет, пред да заврши во мрежата за 2-3. Овој погодок беше впишан како автогол на голманот. Иако Наполи имаше последен налет, „кралевите“ се одбранија и прокнижија нови бодови.

Изненадувањето на вечерта се случи во Франција, каде што екипата на Ленс му зеде скалп на Арсенал (2-1). „Топџиите“ важеа за огромен фаворит на гостувањето кај францускиот вицепрвак, меѓутоа не успеаја да ја оправдаат оваа улога. Сè тргна според планот за четата на Микел Артета, бидејќи Арсенал поведе по 14 минути игра преку Габриел Жесус. Сепак, десетина минути подоцна израмнување донесе Адриен Томасон по асистенција на Ваи. Иако гостите беа доминантни, Ленс успеа да направи изненадување и поведе лреку Ели Ваи во 69. минута. Завршницата беше вистинска брканица пред голот на домаќинот, кој успеа да се одбрани и да го шокира фаворитот.

Ленс – Арсенал 2-1:

Во групата Б лидер е Ленс со четири бода, додека Арсенал има три. Во оваа конкуренција реми од 2-2 одиграа екипите на ПСВ и Севиља. Двата тима се „распукаа“ во завршницата. Гудељ донесе предност во 68. минута, а Де Јонг израмни во 86. Сепак, само една подоцна Ен Несири пак ја врати Севиља во водство, но реми за Холанѓаните извлече Тезе во петтата минута од судиското продолжение.

ПСВ Ајндховен – Севиља 2-2: