Генерал полковник на маринскиот корпус на САД, генерал Џејмс Глин, поранешен командант на Командата за специјални операции на Маринскиот корпус, е во Израел за да ги советува израелските одбранбени сили (ИДФ) за нивните тековни операции и пред очекуваната копнена инвазија на Газа, јави Си-Ен-Ен, цитирајќи „добро информиран американски функционер“.
Функционерот не сакал да даде детали каков вид совети ќе понуди Глин, но истакнал дека Глин може да го искористи своето децениско искуство за да понуди помош за „поширока слика“ околу конфликтот во Газа.
Глин моментално е заменик командант за работна сила и резервни работи, помагајќи во водењето на напорите на службата да регрутира и задржи нови маринци. Тој претходно беше командант на Командата за специјални операции на Маринскиот корпус (MARSOC) и има значително борбено искуство во Ирак.
Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби вчера изјави дека администрацијата на Бајден испратила во Израел „неколку релевантни воени офицери“ кои имаат „искуство за кое се верува дека е соодветно за видовите операции што Израел ги спроведува и може да ги спроведе во иднина“.
Глин не е највисокиот американски офицер што го посетил Израел по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври. Командантот на американската централна команда, генерал Мајкл „Ерик“ Курила го посети Израел минатата недела и се состана со високи израелски воени лидери, вклучително и началникот на Генералштабот, генерал-полковник Херзи Халеви. (МИА)