Екипа на Службата за превентива на деца и младинци при ЈЗУ Здравствен дом Велес денеска започна со теренска вакцинација за претшколски и школски деца кои не се вакцинирани,а во рамките на кампањата „Од врата до врата“.
Децата ќе добиваат вакцини според календарот за вакцинација на деца од претшколска и школска возраст, информира д-р Марина Тодоровска координатор на кампањата за теренска вакцинација од оваа јавна здравствена установа.
-Во зависност кое дете ќе го пронајдеме, која вакцина е пропуштена, со таа ќе го вакцинираме. Целта на оваа кампања е да се подигне свеста и разбирањето за важноста на имунизација и придобивките од вакцинација, информира д-р Тодоровска.
Таа појасни дека 12 теренски посети во наредните денови ќе извршат пет тима. Од тие пет теренски посети се во Велес, а седум во населените места во Општините Велес, Градско и Чашка.
Д-р Тодоровска информира дека семејствата кои ги немаат вакцинирано децата се најмногу од ранливите категории. За нив ќе одржат и едукативни предавања и ќе им ја појаснат предноста од добивањето на вакцината која е многу важна за понатамошно здравје на нивните деца и заштита од многу болести.
Кампањата „Од врата до врата“ ја организира Министерството за здравство и Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје.
Воедно д-р Тодоровска информира дека во рамките на овие теренски посети како новина ќе вакцинираат и против сезонски грип.
Со тоа нивните екипи на терен ќе можат да ги вакцинираат и сите ранливи категории граѓани, над 65 години возраст, со хронични болести, трудници, деца од шест месеци до шест години.